Експерти предупредуваат на радиоактивна прашина по оштетувањето на обвивката на Чернобил

Експерти предупредуваат на радиоактивна прашина по оштетувањето на обвивката на Чернобил

пред 2 часа

Заштитната обвивка изградена за да спречи ширење на радијација од нуклеарната централа Чернобил мора итно да се поправи откако беше оштетена од руски напад со дрон, соопшти Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).

МААЕ вели дека оштетувањето е сериозно и дека дел од конструкцијата ги изгубила своите главни безбедносни функции – особено способноста целосно да го задржи зрачењето.

Иако привремени поправки веќе се направени, директорот на МААЕ, Рафаел Гроси, предупредува дека е неопходна навремена и детална реставрација за да се обезбеди долгорочна нуклеарна безбедност на Украина.

Експертите објаснија дека падот на притисокот во заштитната купола не претставува веднаш директна опасност. Но има една многу поголема закана – радиоактивната прашина.

Стариот саркофаг, поставен веднаш по катастрофата во 1986 година, одамна е истрошен, а новата заштитна обвивка е изградена токму за да спречи негово рушење. Меѓутоа, сега, по оштетувањето, стариот саркофаг не може безбедно да се демонтира.

Дмитро Хумењук од Државниот научно-технички центар за нуклеарна и радијациона безбедност на Украина предупредува: „ако делови од старите конструкции се урнат под новата, но оштетена обвивка, ќе се подигне големо количество радиоактивна прашина“.

Таа прашина може да се рашири во околината и да предизвика ослободување на нова радиоактивност – што би претставувало сериозен ризик и за Украина и за поширокиот регион“, вели тој.

Дополнителни работи на обвивката ќе започнат следната година со поддршка од Европската банка за обнова и развој. Планот е, по завршувањето на војната, да се пристапи кон целосна реставрација на заштитната конструкција.

Заштитниот штит беше поставен во 2019 година над уништениот четврти реактор, но украинските власти уште во април предупредија дека има знаци на губење на функционалноста и дека мора да се поправи за да се спречи можно истекување на радијација.

Чернобилската централа се наоѓа 130 километри северно од Киев и само 15 километри од границата со Белорусија. Во првите денови од руската инвазија, таа беше накратко окупирана, при што руските сили го држеа персоналот како заложник – дополнително влошувајќи ја нуклеарната безбедност.

Денес, руските трупи сè уште ја контролираат нуклеарната централа Запорожје, што предизвикува стравувања од нови инциденти со потенцијално катастрофални последици.

Текстот Експерти предупредуваат на радиоактивна прашина по оштетувањето на обвивката на Чернобил е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top