Разговорите со американските претставници за мировниот план за Украина беа конструктивни, но не и лесни, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски пред планираните консултации со европските лидери во наредните денови.
Во саботата, Зеленски разговараше со специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, и зетот на Трамп, Џаред Кушнер, а се очекува да се сретне и со француските, британските и германските лидери во Лондон денес. Планирани се понатамошни разговори во Брисел.
„Американските претставници ги знаат основните украински позиции“, рече Зеленски во своето вечерно обраќање. „Разговорот беше конструктивен, иако не и лесен“, додаде тој.
Трамп рече дека завршувањето на војната на Русија во Украина, која сега се приближува кон својата четврта година и е најсмртоносниот конфликт во Европа од Втората светска војна, останува неговиот најтежок предизвик во надворешната политика.
И покрај посредништвото на САД и повремените контакти на високо ниво, напредокот во мировните преговори е бавен, а споровите околу безбедносните гаранции за Киев и статусот на територијата окупирана од Русија сè уште не се решени.
Москва вели дека е отворена за преговори и ги обвинува Киев и Западот за блокирање на мирот, додека Украина и нејзините сојузници велат дека Русија одолговлекува и користи дипломатија за да ги консолидира своите придобивки.
Европските лидери поддржаа постепен дипломатски процес за Украина, поврзан со долгорочни безбедносни гаранции и континуирана воена помош. Трамп, сепак, се фокусираше на постигнување брз договор и поделба на товарот, а дипломатите предупредуваат дека сите разговори остануваат кревки и ранливи на промените во политиката на САД, објавува „Ројтерс“.
Текстот Зеленски: Преговорите со Америка не се лесни е превземен од МАКФАКС.






