Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека СДСM и ДУИ за време на нивното седумгодишно владеење воспоставиле тендерски мрежи со однапред договорени постапки и контролирана конкуренција, со цел перење пари од државниот буџет.
Во соопштението се наведува дека во 2023 година, преку организирана и добро осмислена шема во ЕСМ, биле испрани околу 2 милиони евра преку наместен јавен тендер со вкупна вредност од 8 милиони евра.
Според ВМРО-ДПМНЕ, наместо постапката за јавна набавка да биде транспарентна, конкурентна и во интерес на јавноста, во неа биле вклучени две правни лица – едно од Скопје и едно од Куманово, со однапред дефинирани улоги. Кумановската фирма, како што се наведува, била вклучена исклучиво за да се создаде привид на конкуренција и да не изгледа дека скопската фирма е единствениот понудувач.
Од партијата посочуваат дека фирмата од Куманово доставила непотполна документација и понуда со цена повисока од претходно проценетата вредност, додека фирмата од Скопје понудила цена која речиси целосно се поклопувала со проценетата вредност, иако таа вредност воопшто не била јавно објавена во огласот.
По завршувањето на постапката, според соопштението, со цел да се замагли трагата, осомничените пуштале во оптек, примале и пренесувале финансиски средства во износ од околу 2 милиони евра, што, како што наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, претставува јасна основа за сомнение за кривично дело перење пари.
Од партијата додаваат дека ова не е изолиран случај, туку само една од многуте шеми на наместени тендери кои функционирале за време на владеењето на СДСM и ДУИ.
Во соопштението се наведува и дека ниту Сoцијалдемократите ниту Интегративците не се оградиле, не се дистанцирале, ниту презеле одговорност, туку, како што тврдат, продолжуваат да го релативизираат и штитат криминалот.
Текстот ВМРО-ДПМНЕ: Преку наместен тендер во ЕСМ во 2023 испрани околу 2 милиони евра е превземен од МАКФАКС.






