Мицкоски објави инвестиција од 100 милиони во енергетиката

Мицкоски објави инвестиција од 100 милиони во енергетиката

пред 4 часа

Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека Владата потпишала договори за инвестиции во енергетскиот сектор во вкупна вредност од околу 100 милиони евра, со што, како што истакна, енергетиката се позиционира како еден од клучните национални приоритети.

Како што наведе Мицкоски, потпишани се договори за реализација на фотонапонската електрана „Битола 3“ и за ревитализација на хидроелектраните – Фаза 3. Вкупната вредност на инвестициите изнесува 97 милиони евра, од кои 50 милиони евра се обезбедени од КФВ банка за фотонапонската електрана „Битола 3“, 10 милиони евра се наменети за ревитализација на хидроелектраните, додека 37 милиони евра се средства од Европската банка за обнова и развој за истиот фотоволтаичен проект.

Според премиерот, со овие проекти инвестициите во енергетскиот сектор се приближуваат до 100 милиони евра и имаат стратешко значење за националната безбедност, економската стабилност и долгорочниот развој на државата. Тој посочи дека сигурен и стабилен енергетски систем е предуслов за намалување на зависноста од увоз на електрична енергија и за стабилизирање на енергетскиот биланс.

Мицкоски истакна дека фотонапонската електрана „Битола 3“ претставува чекор кон модерна и одржлива енергетика, додека ревитализацијата на хидроелектраните ќе придонесе за зголемена ефикасност и продолжен работен век на постојните капацитети.

Премиерот додаде дека инвестициите ќе имаат и економски ефект преку отворање нови работни места, ангажман на домашната индустрија и развој на локалните заедници. Тој изрази благодарност до Министерството за финансии, АД ЕСМ, како и до меѓународните партнери КФВ Банка и Европската банка за обнова и развој за поддршката и довербата во проектите.

Текстот Мицкоски објави инвестиција од 100 милиони во енергетиката е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top