Денеска беа потпишани договорите за државна гаранција и договорите за заем во вкупна вредност од 97 милиони евра, наменети за два капитални енергетски проекти кои ќе ја трансформираат енергетската слика на државата, соопшти АД ЕСМ.
Од овие средства, вкупно, 87 милиони евра кон АД ЕСМ се наменети за најголемата фотонапонска електрана „Битола 3“, 50 милиони евра од КфВ и 37 милиони евра од Европската банка за обнова и развој(ЕБОР). Уште дополнителни 10 милиони евра од КфВ ќе бидат насочени за реализација на третата фаза од ревитализацијата на државните хидроелектрани.
На настанот на кој присуствуваше претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, договорите за државна гаранција ги потпишаа министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, претставникот на ЕБОР во земјава, Фатих Туркменоглу и директорот на регионалната канцеларија на КфВ, Мориц Реме. Истовремено, генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев, ги потпиша посебните договори за заем со претставниците на меѓународните финансиски институции.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска -Кочоска се заблагодари на Европската банка за обнова и развој и германската КфВ банка кои континуирано стојат зад Република Македонија во реализацијата на значајни проекти во инфраструктурата и особено во енергетскиот сектор и истакна дека Министерството за финансии преку обезбедување државна гаранција овозможи овој проект да добие вкупно 87 милиони евра – 50 милиони од КфВ и 37 милиони од ЕБОР, како и дополнителни 10 милиони евра за ревитализација на хидроелектраните.
„Со овие капитални инвестиции, заедно со АД ЕСМ, ја зајакнуваме домашната енергетска продукција, обезбедуваме стабилно снабдување со електрична енергија и ја поттикнуваме економската стабилност и одржлив развој. Министерството за финансии останува посветено на поддршка на проекти кои ја граделе иднината на нашата држава – зелена, економски силна и енергетски независна“, изјави Димитриеска-Кочоска.
Генералниот директор на АД ЕСМ, Узунчев, истакна дека овој чекор е од суштинско значење за оперативната одржливост на компанијата и за енергетската безбедност на Македонија.
„Нашите стратешки цели веќе се реализираат со голема динамика на терен. Токму денеска ги отвораме понудите за избор на изведувачи за фотонапонските електрани ’Осломеј 2’ и ’Битола 1 и 2’, а истовремено интензивно се работи и на теренска реализација на втората фаза од ветерниот парк ’Богданци’. Преку сите овие проекти, вклучувајќи ја и новата електрана ’Битола 3’, во следните две до три години ќе го зголемиме домашното производство од обновливи извори за повеќе од 200 MW. Тоа не само што значи енергетска стабилност, туку и значаен еколошки придонес со намалување на годишните емисии на јаглерод диоксид за повеќе од 260.000 тони, годишно“, изјави Узунчев.
Како што рече амбасадорката на СР Германија Петра Дрекслер, во текот на изминатите години, Германија и ЕУ обезбедуваа континуирана поддршка за земјава на патот кон одржлива и отпорна енергетска иднина.
„Договорите потпишани од Германската развојна банка KfW, ЕБОР, Владата и ЕСМ се уште еден чекор за овозможување непречена енергетска транзиција преку правилна комбинација на обновливи извори на енергија“, смета Дрекслер.
Посебен фокус во овој инвестициски циклус е ставен и на проектот Ревитализација на хидроелектраните, чија вкупна финансиска конструкција изнесува 47,3 милиони евра, заокружена со денешниот дополнителен договор за заем од КфВ и значаен грант од 10 милиони евра преку ВБИФ механизмот на Европската Унија. Реализацијата на овој капитален проект ќе резултира со зголемување на домашното производство на електрична енергија од нашите хидропотенцијали за дополнителни 50 GWh, годишно.
Текстот ЕСМ: Потпишани договори за 97 милиони евра, започнува историски инвестициски циклус во обновливи извори е превземен од МАКФАКС.






