Андреј Миневски и неговите соработници деновиве ги израдуваа дечињата од училиштето ОУРЦ „Иднина“, лицата од ЦПЛИП „Порака“ како и дечињата кои ги сретнаа попатно по скопските улици од социјално ранливи групи.
Следно, в понеделник ќе ги посетат и дечињата од ОУРЦ „Златан Сремец“.
Денеска , 27 декември, чудната санка и бучните ирваси ќе може да ги сретнете на следните локации: Плоштад Автокоманда од 17 и 10 до 18 часот, Зоолошка градина Скопје од 18 и 10 до 19 часот и Скопје Сити мол, пред источен влез, од 19 и 10 до 20 часот.
Оваа благородна хуманитарна акција е идеја на Андреј, кој реши да контактира приватни компании, да собере средства и да направи пакетчиња со кои ќе ги израдува дечињата.


„Секое детенце кое тимот ќе го сретне низ улиците на нашиот убав град Скопје, ќе проба да го израдува барем за момент. Чудната санка на Дедо Мраз полна со пакетчиња е тука за секо детенце да го потсети дека секоја желба еден ден може да биде остварена и дека празниците се за сите“, вели Андреј.
Инаку, низ градот Дедо Мраз може да го забележите со новогодишно украсено комбе, внатре полно со пактчиња.

„Дедо Мраз и следната година ќе продолжи да работи со општествено одговорни компании. Се надевам дека семејството на соработници ќе се зголеми и дека на тој начин со вредните џуџиња ќе успееме да обезбедиме бесплатно пакетче за секое дете. За следната година ги повикувам да се приклучат и други фирми и компании, па целата иницијатива да прерасне во традиција која носи среќа и насмевка на лицето кај секое детенце. Секој придонес, голем или мал, може да направи значајна разлика. Добрината е дел и од работата, оваа година десетина приватни компании донираа средства за пектчињата“, вели Андреј.






