Индија оваа година ја престигна Кина и стана најголем светски производител и извозник на ориз, но зад овој успех се крие сериозна криза со водните ресурси, пишува „Ројтерс“. Производството на ориз, кој е исклучително водоинтензивна култура, доведува до забрзано исцрпување на подземните води, особено во сојузните држави Харјана и Пенџаб.
Фармерите се принудени да копаат сè подлабоки бунари, што значително ги зголемува трошоците и задолжувањето. Државните субвенции за ориз и евтина електрична енергија дополнително го поттикнуваат прекумерното црпење вода и ги обесхрабруваат земјоделците да преминат на култури што трошат помалку вода.
Според податоците, овие региони трошат меѓу 35 и 57 отсто повеќе подземни води отколку што природно се обновуваат, поради што властите вовеле ограничувања за нови бунари. Индија учествува со околу 40 отсто во светскиот извоз на ориз, па евентуалните промени во производството би можеле да имаат и глобални последици.
Иако постојат обиди за промена на политиките и поттикнување на алтернативни култури, експертите предупредуваат дека без долгорочни реформи, сегашниот модел на производство е неодржлив.
Фото: pexels
Текстот Индија – најголемиот производител на ориз во светот останува без вода е превземен од МАКФАКС.






