Фудбалската јавност во Англија шпекулира за кам-бек, што до темел ќе ја стресе Премиер лигата. Жозе Мурињо е подготвен веднаш да се врати на клупата на Челзи.
По отпуштањето на Енцо Мареска, поради лоша серија резултати, Челзи повторно бара нов главен тренер, а името на „Специјалниот“, наводно е при врвот на таа листа.
Иако Мурињо неодамна се врати во Бенфика, клубот каде што ја започна својата тренерска кариера и кој самиот го опиша како „стара љубов“, извори тврдат дека тој би го напуштил Лисабон без многу размислување доколку повикот дојде од „Стемфорд Бриџ“.
Според новинарите на Индикаиле, Мурињо не ја крие желбата да се врати во Лондон.
„Жозе Мурињо сака да се врати на позицијата тренер на Челзи и е подготвен веднаш да го преземе тимот доколку клубот го контактира. Челзи е неговата вистинска љубов, но се чини дека чувството не е взаемно. Челзи сака современ тренер“, се наведува во извештајот.
Токму во таа последна реченица лежи клучот за дилемата – додека Мурињо јасно покажува емоции и подготвеност да го прекине штотуку започнатиот проект во Бенфика, раководството на Челзи наводно разгледува „современи“ и подолгорочни решенија, поради што неговото враќање засега е повеќе носталгија отколку за конкретни планови на клубот.
Мурињо испиша историјата на Челзи во два мандата. Првиот мандат го започна во 2004 година и, со поддршка на Роман Абрамовиќ, го врати клубот на врвот на англискиот фудбал по 50-годишно чекање, пред да замине во 2007 година.
Неговиот втор мандат започна во 2013 година и заврши на крајот од 2015 година. Со „сините“ освои три титули во Премиер лигата, ФА Купот, три Лига Купови и Комјунити Шилд.
По краткиот и турбулентен престој во Фенербахче, Мурињо ја презеде Бенфика, но очигледно враќањето во клубот каде што ја започна својата тренерска кариера нема да биде пречка доколку добие покана од неговиот омилен клуб.
Во својата кариера, тој ги водеше и Порто, Интер, Реал Мадрид, Манчестер Јунајтед, Тотенхем и Рома.
Foto/ depositphotos






