Илон Маск најави судска битка со инфлуенсерката: „Сака да му го смени полот на нашето дете“

Илон Маск најави судска битка со инфлуенсерката: „Сака да му го смени полот на нашето дете“

пред 4 часа

Илон Маск најави дека ќе поднесе барање за самостојно старателство над своето 13. дете, откако мајката на детето, инфлуенсерката Ешли Сент Клер, јавно изрази жалење поради своите претходни десничарски ставови.

Неговиот приватен живот повторно е во центарот на вниманието поради овој потег.

Ешли Сент Клер, инфлуенсерка позната по промовирање на МАГА-ставови, претходно тврдеше дека тајно го родила детето на Маск. Според Волстрит џурнал, лабораторискиот наод на Лабкорп покажал дека Илон Маск е татко на детето со веројатност од 99,9999 отсто.

Подоцна, Сент Клер побарала самостојно старателство, наведувајќи во судски поднесок дека Маск го видел синот само трипати и дека не учествувал во неговата грижа и воспитување. Таа тврдела и дека Маск не ѝ обезбедувал финансиска поддршка ниту неа, ниту детето.

Ситуацијата се променила откако Сент Клер на Икс ги критикувала некои од своите поранешни ставови. Во неодамнешна објава напишала дека чувствува „огромна вина“ поради својата улога во промовирање на десничарски, вклучително и трансфобни ставови.

„За ова не зборував многу бидејќи се прашував дали мојот глас воопшто ќе биде корисен, со оглед на тоа што многумина ќе го протолкуваат како неискрен или како свртување затоа што сум ‘омразена’“, напишала таа.

„И овој одговор ќе предизвика десничарска хистерија, но да – жал ми е.“

Нејзините изјави брзо стигнале до Маск, откако еден корисник ги споделил и ја обвинил дека синот го изложува на „трансродно заведување“.

Маск реагирал со објава:

„Денес ќе поднесам барање за самостојно старателство, со оглед на нејзините изјави кои сугерираат дека би можела да покрене промена на полот кај едногодишно момче.“

Во објавите на Ешли Сент Клер не се спомнува намера нејзиниот син Ромулус да го промени полот. Таа и понатаму е активна на Икс, каде продолжува да го критикува Маск и тврди дека ѝ е оневозможен пристап до претплатата X Premium. Маск по оваа објава не се огласил дополнително.

Фото: Depositphotos

Share
Scroll to Top