Чаби Алонсо, од вчера, не е тренер на Реал Мадрид. Во соопштение, Реал, објави дека клубот и тренерот спогодбено се разделиле. Чаби Алонсо отказот ќе го наплати со 15 милиони евра. Наспроти ова, британски „Атлетик“, пишува дека Алонсо заминал поради несогласувањата со клучните играчи, Винисиус Жуниор, Федерико Валверде и Џуд Белингам.
Алонсо имаше успешен старт, со 17 победи во првите 20 натпревари, но резултатите, а со тоа и атмосферата во тимот се влошија во последните два месеци. Тројцата влијателни фудбалери имале проблем со тактичкиот пристап и стилот на лидерство на Алонско.
Се вели дека проблемите започнале за време на натпреварот против Барселона во октомври 2025 година.
И покрај победата, Алонсо имаше непријатна сцена со Винисиус откако го замени. Бразилскиот напаѓач беше незадоволен од промената и одби да се ракува со тренерот. Бидејќи клубот не презеде дисциплинска мерка против играчот, Алонсо наводно почувствувал дека ја губи контролата и дека нема поддршка од клупските челници.
Федерико Валверде и Џуд Белингам, исто така имале проблем со начнот на кој Алонсо го води тимот и со неговите татктички замисли.
Белингам, по одличната прва сезона во 2023/24 и значајните улоги минатата сезона, никако не може да се врати во вистинската форма оваа сезона. Кај Алонсо, Англичанецот немаше гарантирано место во тимот, статус што го имаше кај Карло Анчелоти.
Валверде, од друга страна, поради неговата разноврсност, често играше на различни позиции, што го оддалечи од неговата претпочитана улога во средниот ред. И тој често на тренинзите влегувал во расправии со Алонсо, поради неговите тактички замисли.






