Големи протести против најавите на американскиот претседател Доналд Трамп за преземање на Гренланд се очекуваат денеска во повеќе градови во Данска, вклучувајќи го Копенхаген, како и во гренландската престолнина Нуук.
Илјадници луѓе најавиле учество на протестите во Данска и на Гренланд, на иницијатива на неколку гренландски организации. Организаторите наведуваат дека целта е да се испрати јасна порака за почитување на демократијата и основните човекови права на Гренланд.
Протестите се организираат и поради присуството на делегација на американскиот Конгрес во Копенхаген, со намера гласот на Гренланѓаните да биде слушнат. Трамп и натаму тврди дека САД мора да воспостават контрола врз стратешки важниот арктички остров, повикувајќи се на руски и кинески интереси во регионот.
Неговиот советник Стивен Милер изјави дека Данска не може сама да го брани Гренланд, додавајќи дека САД не сакаат да трошат милијарди долари за негова одбрана без контрола врз територијата.
Протестите следуваат по неодамнешна средба во Вашингтон, на која данските власти признале дека во моментов нема простор за договор со САД за иднината на автономниот регион. Во меѓувреме, повеќе европски земји најавија распоредување воен персонал на Гренланд во рамки на данска вежба, организирана од сојузниците на НАТО.
Текстот „Не го чепкајте Гренланд“: Масовни протести во Данска и Нуук против плановите на Трамп е превземен од МАКФАКС.






