Највисокиот дански воен заповедник за Арктикот ги отфрли тврдењата дека Гренланд се соочува со непосредна безбедносна закана од Русија или Кина, со што го оспори наративот што повеќепати го изнесуваше американскиот претседател Доналд Трамп. Генерал-мајор Сорен Андерсен, командант на Данската здружена арктичка команда, ги опиша сојузничките вежби во регионот како превентивна мерка, пренесе Политико.
„Не. Денес не гледаме закана од Кина или Русија“, изјави Андерсен, кој е на чело на командата од 2023 година.
„Но ги истражуваме потенцијалните закани и се подготвуваме за нив.“ Тој нагласи дека засилените воени активности на Данска и нејзините сојузници околу Гренланд претставуваат подготовка за идни непредвидени ситуации.
Според неговите зборови, кога ќе заврши војната во Украина, Москва би можела да ги пренасочи своите воени ресурси кон други региони. „Всушност очекувам да видиме руски ресурси кои се префрлаат од боиштата околу Украина на други боишта“, рече тој, укажувајќи на Балтичкото Море и арктичкиот регион.
Во рамки на данската вежба „Операција Арктичка Издржливост“, која опфаќа воздушни, поморски и копнени компоненти, веќе се распоредени единици од неколку европски земји.
Изјавите на Андерсен се во спротивност со тврдењата на Доналд Трамп дека Гренланд е под активен притисок од Русија и Кина и дека островот е клучен за националната безбедност на САД. „Имате руски разурнувачи и подморници, како и кинески разурнувачи и подморници насекаде“, им рече Трамп на новинарите, коментирајќи ја својата намера Гренланд да стане дел од Соединетите Американски Држави. „Нема да дозволиме тоа да се случи.“
Трамп исто така изјави дека Вашингтон не може да ја исклучи употребата на сила за да ги обезбеди своите интереси, што предизвика загриженост кај данските и гренландските лидери.
Текстот Дански генерал: Денес не гледаме закана од Русија или Кина е превземен од МАКФАКС.






