Во 2. коло од Отвореното првенство на Австралија, српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ го победи Италијанецот Франческо Маестрели со 3-0, во сетови 6:3, 6:2, 6:2. Ѓоковиќ ја забележа 101-та победа на Австралија Опен, а вкупно 399-та на Гренд слем турнирите.
Ѓоковиќ го наметна ритамот од самиот почеток и ја покажа разликата во квалитетот.
Иако Маестрели се обидуваше да остане во сетот преку подолги размени, српскиот тенисер трпеливо чекаше на можноста и стигна до брејк во раната фаза од натпреварот.
Со сигурни сервис гемови, Новак го освои првиот сет до крај без поголеми проблеми. Во вториот и третиот Ѓоковиќ уште повеќе го засили темпото и на крајот, по два часа и 15 минути игра, најдобриот тенисер на сите времиња се пласираше во третото коло.
Во третото коло, Ѓоковиќ ќе се сретне со Ботик ван де Зандшулп, кој го победи Јунченг Шанг.
Foto/ EPA






