На денешен ден, 25 јануари 1981 година, е роден Тоше Проески, македонски пејач чиј музички опус и хуман ангажман го направија една од најзначајните личности на современата македонска култура.
Тодор „Тоше“ Проески е роден во Прилеп, а потекнува од влашко семејство од Крушево. Музичките почетоци ги имал уште во детството, кога во 1992 година настапил на детскиот фестивал „Златно славејче“ во Скопје. Музичкото образование го стекнал во музичко училиште во Битола, а подоцна и на Музичката академија во Скопје.
Професионалната музичка кариера ја започнал во 1997 година на фестивалот „Мелфест“ во Прилеп, каде што победил со изведба на песната „Yesterday“ од „Битлси“. Истата година настапил и на „Макфест“ со композицијата „Пушти ме“, со што го привлекол вниманието на пошироката јавност. Песните „Пушти ме“ и „Остани до крај“ го означија неговиот ран подем, а пресвртна точка во кариерата претставува настапот на Скопскиот фестивал во 1999 година со „Твоите бакнежи на моите бели кошули“.
Во 1999 година го објавил деби-албумот „Некаде во ноќта“, по што следел период на интензивна продукција и концертна активност. Во 2000 година учествувал на „Скопје фест“ со песната „Солзи прават златен прстен“, а истата година го промовирал и албумот „Синот Божји“, кој содржи неколку од неговите најпрепознатливи песни. Во следните години неговата кариера добива регионална димензија, со изданија на македонски, српски и други јазици.
Посебно значаен момент во неговиот професионален развој е победата на „Беовизија“ во 2003 година со песната „Чија си“, што го позиционира како една од водечките поп-ѕвезди на Балканот. Во 2004 година ја претставува Македонија на Изборот за песна на Евровизија во Истанбул со песната „Life“, англиска верзија на „Ангел си ти“, и го освојува 14. место во финалето.
Тоше Проески трагично загина на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, Република Хрватска. Посмртно беше прогласен за заслужен граѓанин на Македонија, а 17 октомври 2007 година беше прогласен за Ден на национална жалост.
Текстот Да беше жив Тоше Проески денес ќе полнеше 45 години е превземен од МАКФАКС.






