Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на граничниот премин Блаце им даде поддршка на домашните транспортери, кои од денеска започнуваат седумдневен предупредувачки протест заедно со превозници од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Протестот се организира како израз на револт против новите правила за електронска евиденција при престој и транзит во Шенген зона.
Николоски истакна дека протестот има предупредувачки карактер и има за цел навремено да се укаже на последиците што би настанале по 10 април, доколку не се најде решение. Според него, земјите од Шенген зоната треба да ги искористат месеците февруари и март за изнаоѓање соодветно решение за проблемот со кој се соочуваат превозниците.
Тој наведе дека постојат три можни решенија: одложување на примената на електронскиот систем за превозниците, зголемување на дозволениот број денови за престој во Шенген зоната од 180 на 250 дена или нивно третирање како професионалци, а не како туристи, со можност за работни визи или исклучување од постојните правила, по примерот на Швајцарија.
Николоски предупреди дека доколку не се изнајде решение, може да има сериозни последици врз македонската, регионалната, но и европската економија, имајќи ја предвид зависноста на регионот од трговијата и транзитот со земјите од Европската Унија.
Тој најави дека веќе остварил разговор со министерот за транспорт на Грција, а во среда ќе отпатува во Загреб на средба со вицепремиерот и министер за транспорт на Хрватска, со цел координација и зголемување на притисокот за изнаоѓање решение.
Текстот Николоски предлага три решенија за проблемот со шенгенските правила за превозниците е превземен од МАКФАКС.






