Антикорупцискиот тим на СДСМ објави повеќе бомби, факти и докази за фирмата „Пирамид билдинг солушнс“, фаворит за тендери во општините под контрола на ВМРО. Дури 51 тендер во вредност од 16 милиони евра добила оваа фирма од општините на ВМРО, изјави Александар Саша Димитријевиќ – генерален секретар на СДСМ.
Тој додаде дека преку дигиталната платформа МИЦКО.мк откриле и дека нејзиниот сопственик бил член на Избирачки одбор токму од ВМРО-ДПМНЕ.
„Тендерската мрежа се шири преку семејни и партнерски фирми, кои добиваат милионски договори од институции под контрола на власта. АКТ откри и дека сопругата на газдата на Пирамид билдинг солушнс, Оливера Доновска, има фирма со Филип Гулевски, кој пак со друга фирма добива тендер за проектирање и изведба на спортски сали во општините Крушево и Аеродром. Вредност од 1,1 милион евра од министерството за спорт“, рече Димитријевиќ.
Тој кажа дека денеска откриваат нова бомба односно дека оваа пирамидална мрежа на тендери и фирми води директно до кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски и неговиот шеф, Владимир Нелоски.
„Оливера Доновска, сопругата на газдата на Пирамид билдинг солушнс, Петар Доновски, е сопственичка и управителка и на трговската фирма со облека ТРГО СТРОЈ ДОО Скопје, основана 2019 година. По доаѓањето на власт на ВМРО, или точно на 11.04.2025 година, како содружник во фирмата ѝ се приклучува Јовица Нелоски. Кој е Јовица Нелоски? Татко на Владимир Нелоски, шеф на кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски. Дали сега е јасно? Во ВМРО секој функционер или негов роднина има фирма. А како што покажавме имаат и тендери. 161 тендер за една фирма, 51 тендер за фирма преку општини, 9 милиони евра за двајца вработени, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта.“, рече тој.
Текстот (Видео) Димитријевиќ: Во ВМРО секој функционер или негов роднина има фирма е превземен од МАКФАКС.






