Хотели без дозволи, бесправни објекти на Галичица и недостаток на урбанистички планови: Ревизијата со забелешки за Охрид

Хотели без дозволи, бесправни објекти на Галичица и недостаток на урбанистички планови: Ревизијата со забелешки за Охрид

пред 4 часа

Општината нема донесено урбанистички планови за 20 населени места, нема преземено мерки за отстранување на бесправно изградените објекти, особено во заштитените подрачја, поставувањето урбана опрема е без дозволи и платени комунални такси, а субвенционирањето на јавните претпријатија во вкупен износ од 36.505 илјади денари е без Програма и претходно обезбедена согласност од Советот

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност на Општина Охрид за 2024 година, при што се констатирани состојби, неправилности и неусогласености во работењето.

Ревизијата утврди дека општината нема донесено урбанистички планови за 20 населени места, а во дел од населените места се изведени градби и градежни активности за индивидуално домување и хотелски комплекс без платен надоместок за уредување на градежно земјиште и без издадени одобренија за градење.

Констатирано е дека не се преземени мерки за отстранување на бесправно изградените објекти, иако за периодот од 2019 до 2024 година се издадени 456 правосилни управни акти за нелегални градби. За објекти кои не ги исполнуваат условите за легализација донесени се 4.847 решенија за одбивање, но истите не се отстранети, вклучително и во заштитени подрачја, меѓу кои и Национален парк Галичица.

Ревизијата утврди и дека не е донесен урбанистички план за крајбрежјето на Охридското Езеро, а за Годишната програма за поставување урбана опрема за 2024 година не е обезбедено позитивно мислење од Управата за заштита на културното наследство. Во текот на 2024 година, 23 угостителски објекти користеле јавна површина без одобрение и без платена комунална такса, а одобренија издадени за три месеци се користеле цела година.

Во делот на финансиското работење, ревизијата утврди дека општината не искажала побарувања за надоместок за одржување на јавна чистота, додека ЈП „Охридски Комуналец“ со години не ги уплатува овие средства во општинскиот буџет. За 2024 година претпријатието прикажало обврски од 22,9 милиони денари, а општината има поднесено тужби за претходни години во износ од 53,8 милиони денари. Не се искажани ниту побарувања за комунална такса за паркирање, која, според евиденцијата на ЈП „Билјанини извори“, изнесува 3,9 милиони денари.

Без одлука на Советот е извршен отпис на побарувања во износ од 534 илјади денари за комунални трошоци и отпис на 4,8 милиони денари претплатни салда без соодветна документација. Даночните обврзници кои стекнале нов или дополнителен имот не се задолжени со данок на имот, а за ненавремено платениот данок не се пресметува и наплатува камата.

Ревизијата утврди дека субвенции за јавните претпријатија во износ од 36,5 милиони денари се исплатени без донесена Програма и без претходна согласност од Советот. Дополнително, во 2024 година се исплатени 49,4 милиони денари за инфраструктурни проекти од втора категорија без обезбедено одобрение за градење и без проектна документација.

Во областа на културата и спортот, средствата се доделувани без објавен јавен повик и без утврдени критериуми, при што на спортски клубови и здруженија кои не аплицирале на јавен повик им се доделени 37,4 милиони денари, што претставува 59 проценти од средствата на програмата.

Државниот завод за ревизија наведува дека за надминување на утврдените состојби се дадени препораки до надлежните институции и одговорни лица.

Текстот Хотели без дозволи, бесправни објекти на Галичица и недостаток на урбанистички планови: Ревизијата со забелешки за Охрид е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top