По„Безбеден град“ следна фаза „Безбедна земја“, најави Мицкоски

По„Безбеден град“ следна фаза „Безбедна земја“, најави Мицкоски

пред 4 часа

„Граѓаните без исклучок сакаат да имаат помалку сообраќајни незгоди, и да има помалку жртви и последици од тие сообраќајни незгоди. Лага е дека „Безбеден град“ има етничка заднина, засега е имплементиран во Скопје, Куманово, Тетово и по коридорите 8 и 10. Анализите покажуваат дека три четвртини од прекршоците се направени во Скопје, но истовремено покажуваат и дека оние 110-150 илјади прекршоци, во овој тест период се намалени на 7-8 илјади“, посочи премиерот Христијан Мицкоски во Собрание, прашан за тужбата поднесена од Зијадин Села до Уставниот суд за проектот „Безбеден град“.

„Некои работи едноставно и искусни политичари како Зијадин Села дали намерно, свесно или несвесно се обидуваат да ги направат такви да не соодветствуваат со реалноста. Мислат дека ако излезат во јавноста со пораки, дали биле против една етничка група, во насока на друга етничка група, ќе добијат политички поени, а на тие поени и некаков политички легитимитет. Но, фактите го зборуваат спротивното, колку повеќе има вакви настапи, толку повеќе назадуваме во политиката и помалку поддршка се добива од граѓаните“, истакна Мицкоски.

Нагласувајќи дека ваков систем постои во речиси секоја европска метропола, Мицкоски откри дека следна фаза, по „Безбеден град“, ќе биде проектот „Безбедна земја“

„Следува следната фаза, „Безбедна земја“, со којшто границите ќе ги обезбедиме, ќе имаме систем за рано детектирање на пожари, да ги најдеме виновниците коишто прават таков тип на хибридни напади врз државата и врз граѓаните, веднаш да ги детектираме и извадиме пред лицето на правдата. Систем со којшто криминалците нема да ни бегаат преку граница откако ќе сторат криминал, туку ќе бидат веднаш препознаени, фатени, санкционирани и однесени таму каде што треба да бидат.

Тоа е суштината на одговорна Влада. И тоа се храбри потези во политиката. Не се храбри потези уставни измени или на сила менување имиња. Ова е храбар потег, којшто ќе донесе квалитет во животот на граѓаните и ќе спаси човечки животи, тоа е храбар потег по цена и на политичка штета. Тоа се храбри и истовремено државнички потези“, потенцираше Мицкоски.

Текстот По„Безбеден град“ следна фаза „Безбедна земја“, најави Мицкоски е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top