Народната банка е професионална и независна институција, којашто при одлучувањето ги применува највисоките меѓународни стандарди и најдобрите меѓународни практики. Одземањето на дозволата на „Еуростандард банка“ покажува дека Народната банка е подготвена да преземе навремени корективни супервизорски активности за да се обезбеди целокупната стабилност на финансискиот систем.
Ова го истакнал извршниот директор во Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Антони де Ланој, член на Извршниот одбор на ММФ и задолжен за Северна Македонија, на состанокот со тимовите на Народната банка и Министерството за финансии, одржан во рамките на Годишните средби на ММФ и Светската банка, соопшти Народната Банка.
Состанокот бил фокусиран на состојбите во банкарскиот систем.
„Обидите за политизирање на активностите и одлуките на Народната банка се ризик за загрозување на независноста на Народната банка. Меѓународното искуство покажа дека без независност, централните банки се воздржуваат од донесување тешки, но неопходни одлуки, што на крајот ја става во опасност стабилноста на севкупниот финансиски систем и може да доведе до далеку поголеми загуби за општеството отколку кога навремено се преземаат потребните корективни супервизорски активности“, рекол Де Ланој, соопшти Народната банка.
Исто така, од Народната банка, наведуваат дека тој изразил жалење што има шпекулативни и неточни јавни изјави дадени од некои засегнати страни, во врска со банкарскиот систем и Народната банка.
„Де Ланој тврди дека ваквите изјави може да имаат сериозни штетни ефекти и ги повика сите засегнати страни да се воздржат од неодговорно однесување што може да ја доведе во опасност стабилноста на финансискиот систем, особено во време на глобална криза и во време кога ММФ го оценува македонскиот финансиски систем во целина како стабилен“, се наведува во соопштението.
Де Ланој посочил дека ефектите од регулаторните барања коишто во изминатите години Народната банка ги засили во согласност со најновите меѓународни стандарди и со глобалните најдобри практики, се согледуваат и преку последните податоци коишто покажуваат дека банкарскиот систем е отпорен на шокови. Тој нагласил дека банките во Северна Македонија, во моментов се добро капитализирани, мерено според адекватноста на капиталот на системот, којашто е повеќе од двојно повисока од минималните регулаторни барања согласно со глобално прифатените стандарди на Базел III. Според извршниот директор на ММФ, стабилниот банкарски сектор ќе биде силна основа за раст на економијата во посткризниот период.