Митева: Усвоена е програмата за работа на Владата за 2026 година

Митева: Усвоена е програмата за работа на Владата за 2026 година

пред 8 часа

Владата ја усвои Програмата за работа на Владата за 2026 година која претставува стратешки, сеопфатен и реформски документ од над 400 страници, кој јасно ги дефинира приоритетите, динамиката и визијата за развојот на државата во наредниот период, исткна на прес-конференција владината портпаролка Марија Митева.

Програмата како што рече е структурирана по области коишто ги опфаќаат надлежностите на законодавната, но и на извршната власт и претставува јасна мапа на Владата за реформите што следуваат и кои директно ќе влијаат врз квалитетот на животот на граѓаните, функционалноста на институциите, но и на европската перспектива на државата.

Во однос на законодавниот дел или надлежноста на Собранието, фокусот, појасни Митева е ставен таму каде што државата има најголема одговорност, здравството и образованието. Предвидени се нови, современи и системски закони кои го уредуваат високото и средното образование, научно-истражувачката дејност, но и педагошката служба, како и унапредување на статусот и професионалниот развој на наставниот кадар. Овие решенија се насочени кон квалитет, достапност и одржливост на образовниот систем, како темел на долгорочниот развој.

„Паралелно, Владата силно ја турка и дигиталната трансформација, меѓу другото преку носење на нов Закон за електронска фактура, со кој дигитализацијата на даночните процедури станува клучен столб на даночната реформа. Со ова ќе обезбедиме повеќе ефикасност, повеќе транспарентност, но и помал административен товар за граѓаните и за компаниите.

Реформата на правосудството останува наш висок приоритет. Во надлежност на Министерството за правда се предвидени измени на Изборниот законик, со целосно инкорпорирање на препораките од меѓународните мисии, како јасен сигнал за посветеноста кон демократски стандарди, фер избори, но и владеење на правото.

Особено значаен сегмент, којшто сакаме да го потенцираме на оваа прес-конференција, е реформата на јавната администрација. Предвидени се системски закони за висока раководна служба, унапредување со квалитетот во јавниот сектор и за првпат воспоставување на единствен систем на плати во јавниот сектор. Станува збор за решавање на долгогодишен проблем, каде платите се уредуваат фрагментирано, често неусогласено и спротивно на уставни начела. Новото решение носи правичност, транспарентност и најважно, усогласеност со Реформската агенда, поточно со чекор 18.

Во вториот дел од Програмата, оној којшто се однесува на актите и материјалите по коишто одлучуваме ние како Владата, предвидени се низа на програми коишто се насочени кон директно подобрување на животниот стандард, во областа на животната средина, здравството, безбедноста, образованието и социјалната заштита“.

За 2026 година според неа, е планиран Оперативен план за активни мерки за вработување, усогласен со реалните потреби на пазарот на трудот, со цел зголемување на опфатот на невработени лица и поефикасна интеграција на ранливи категории.

Во економски и промотивен контекст, се отвора ново поглавје преку национално брендирање на туризмот, економијата и државата, под еден јасен, препознатлив и современ имиџ. Ова, како што оценува Митева, е силна можност Македонија стратешки да се позиционира пред европската јавност како атрактивна туристичка дестинација и стабилна, отворена економија со сериозен инвестиционен потенцијал.

„Во здравството, Министерството за здравство иницира подготовка на Стратегија за млади лекари 2026–2030, нешто што има јасна цел а тоа е задржување, мотивирање и професионален развој на медицинскиот кадар. Свесни сме дека во време на недостиг и одлив на здравствени работници, оваа стратегија ќе воспостави системска поддршка, менторство, но и континуирана едукација, што долгорочно ќе значи посилен и постабилен здравствен систем.

Исто така, многу важно да се напомене е што за прв пат ќе се воспостави и Центар за дигитални вештини во јавната администрација, клучен инструмент за дигитална трансформација на државата. Програмите ќе бидат наменети за сите структури, од раководни, носители на одлуки и сајбер експерти, но и за целокупниот административен кадар затоа што дигитализацијата не е проект, туку за нас претставува еден долгорочен процес“.

Текстот Митева: Усвоена е програмата за работа на Владата за 2026 година е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top