Гаши во Вашингтон: нагласена  важноста на американското лидерство во зачувувањето на евроатлантската безбедност

Гаши во Вашингтон: нагласена важноста на американското лидерство во зачувувањето на евроатлантската безбедност

пред 4 часа

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, престојува во работна посета на Вашингтон, САД, каде што оствари низа средби со високи претставници на американските институции и меѓународни организации, во рамки на зајакнувањето на билатералните односи и меѓупарламентарната соработка.

Гаши оствари средба со членката на Конгресот на Соединетите Американски Држави, Клаудија Тени, копретседателка на Парламентарната група за Северна Македонија во Конгресот. За време на средбата, соговорниците разговараа за стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и Соединетите Држави, засновано на заеднички демократски вредности, како и за значењето на улогата на американскиот Конгрес во развојот и стабилноста на регионот.

Гаши ја истакна посветеноста на Северна Македонија како членка на НАТО, при што ја нагласи и важноста на американското лидерство во зачувувањето на евроатлантската безбедност, особено на Западен Балкан.

Во продолжение на посетата, претседателот на Собранието оствари средби и со директори на меѓународни организации кои со години ги поддржуваат демократските процеси и институционалниот развој на Собранието на Република Северна Македонија, односно со претставници на IRI и NDI.

На средбата со Даниел Твајнинг, претседател на Меѓународниот републикански институт (IRI), и Стивен Никс, директор за Европа и Евроазија, се разговараше за досегашната соработка и за стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД.

Исто така, на средбата со Тамара Витес, претседателка на Националниот демократски институт (NDI), и Скот Бејтс, регионален директор за Европа и Азија, се разговараше за вредноста на долгорочната соработка меѓу Собранието и NDI. Гаши изрази благодарност за проектите насочени кон зајакнување на независноста и парламентарниот капацитет , дигитализацијата, транспарентноста и приближувањето на Собранието до граѓаните, вклучително и Програмата за парламентарна поддршка, која со години дава видливи резултати.

На сите средби, претседателот Гаши високо ја оцени континуираната поддршка од американските партнери за унапредување на демократските стандарди, потврдувајќи ја повторно подготвеноста на Собранието на Република Северна Македонија за продолжување и продлабочување на соработката во функција на зајакнување на демократијата, стабилноста и подоброто претставување на граѓаните.

Во овој дел од агендата, Гаши беше придружуван од потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски, како и од владината делегација на Република Северна Македонија, во чиј состав беа министрите Стефан Андоновски и Златко Перински, како и генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев.

Инаку, за време на посетата, Гаши ќе учествува на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast), а покрај бројните средби со значајни институционални претставници, се очекува да се обрати на Форумот за безбедност во Американскиот конгрес, како и да учествува на панел-дискусијата на конференцијата „Balkans Forward Summit“, организирана од Атлантскиот совет.

Текстот Гаши во Вашингтон: нагласена важноста на американското лидерство во зачувувањето на евроатлантската безбедност е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top