Објавена петиција за забрана на социјални мрежи за деца до 12 години во Македонија

Објавена петиција за забрана на социјални мрежи за деца до 12 години во Македонија

пред 4 часа

Граѓанската иницијатива „Иницијатива за безбедно детство“ објави петиција со која се бара воведување забрана за употреба на социјални мрежи за деца до 12 години и регулација на пристапот за малолетници до 16 години во Македонија.

„Ние сме група загрижени и општествено одговорни родители, наставници, стручни лица и граѓани што започнуваме петиција со која бараме воведување забрана за употреба на социјални мрежи за деца до 12 години и регулација на пристапот за малолетници до 16 години во Македонија. Под името „Иницијатива за безбедно детство“, ова граѓанско движење има за цел да поттикне законски измени и системска регулација во нашата држава, што ќе ја заштитат дигиталната безбедност, менталното здравје и приватноста на најмладите“, велат од иницијативата.

Од таму велат дека штетата веќе се случува пред нашите очи.

„Сите сведочиме на негативните ефекти, од  нарушено ментално здравје, онлајн врсничко насилство, самоповредување, опасни „предизвици“, намалена концентрација и изобличена перцепција за вредности и успех. Во услови на недоволна законска регулација и слаб надзор, тие остануваат изложени на ризици кои државата има обврска да ги превенира. Австралија, Франција, Шпанија, Шведска, Данска, Словенија итн. се охрабрија кон првиот и најважен чекор: забрана за употреба на социјални мрежи за деца и регулација на употребата од страна на адолесцентите. Обединетите нации препорачуваат да се подигне возрасната граница за дозволена употреба на социјални медиуми, а Европскиот парламент усвои препорака со која се предлага минимална возраст од 16 години за неограничен пристап до социјалните мрежи во ЕУ“, велат од граѓанската иницијатива.

Тие со петицијата бараат заштита на децата преку иницирање законска и практична рамка:

●       Воведување забрана за употреба на социјални мрежи до 12-годишна возраст и регулација за деца до 16 години при регистрирање и самостојна употреба на социјални мрежи и платформи за кратки видеа, преку задолжителна верификација или целосна забрана доколку не се прифатат и имплементираат пропишаните стандарди.

●       Обврска за социјалните медиуми и апликациите да обезбедат технички и правни механизми за родителска согласност/сертификат од родител или старател и спречување или ограничување пристап за деца под 12 години.

●       Ограничување на алгоритамско таргетирање и автоматско препорачување креативни и вирусни содржини за профили идентификувани како детски.

●       Обврска за посебна заштита и обработка на детските податоци согласно национални стандарди, со засилени безбедносни мерки.

●       Јасно дефинирани санкции и механизми за брзо отстранување на штетна и опасна содржина.

●       Национална програма за дигитална писменост и поддршка на менталното здравје на учениците и нивните семејства.

 

Линк до петицијата: https://c.org/g5MnSHrB8Y

Текстот Објавена петиција за забрана на социјални мрежи за деца до 12 години во Македонија е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top