Војници во влага, на перници стари со децении, со прибор стар 20 години и руинирани тоалети – синдикатот алармира по појавата на шуга во велешката касарна

Војници во влага, на перници стари со децении, со прибор стар 20 години и руинирани тоалети – синдикатот алармира по појавата на шуга во велешката касарна

пред 5 часа

Независниот синдикат на професионални војници, реагира поради појавата на шуга кај новопримените професионални војници во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ во Велес, обвинувајќи за катастрофални услови за живот и работа во касарните низ државата.

Оттука посочија дека случајот во Велес е само еден од ретките кои добиле медиумска покриеност, иако слични инциденти се случувале и порано, но останувале тајни.

„Професионалните војници имаат најлоши услови за работа, од нечиста постелнина, неисперена со години, од перници стари по 15-20 години, исто така и за кебињата и чаршавите со години стари и необновени. Просториите каде што спијат војниците се најчесто со влага , со многу инсекти по просториите, храната се дава во нехигиенски услови со прибори стари над 20 години и нејзиниот квалитет е на најслабо ниво, храната е еднолична и недоволна, санитарните јазли се нереновирани и руинирани повеќе од 15-20 години. Професионалните војници многу често работат во услови кога немаат струја во објектите за да се загрејат и техничка вода за да се одржава личната хигиената и хигиената на објектите, ваквите состојби траат со години“, се наведува во соопштението на сидникатот.

Александар Насковски, претседател на синдикатот потенцира дека военото раководство и сите министри за одбрана досега не покажале грижа за војниците, и покрај долгогодишните апели. Според него, се реновираат само просториите на офицерите, а не и објектите каде што живеат и престојуваат 24/7 професионалните војници.

„Со зголемениот буџет согласно барањата на НАТО, треба приоритет да бидат условите за работа и човечкиот фактор, а не само набавки на оружје. Залудно е да се инвестира во опрема ако нема кој да ја користи“, се наведува во соопштението.

Синдикатот го обвинува министерот за одбрана Владо Мисајловски за игнорантски однос, отсуство на социјален дијалог и непочитување на основните човекови права на припадниците на Армијата.

Меѓу причините за растечкото незадоволство ги посочуваат: немање покачување на плати три години поради правни измени, дискриминација и мобинг и масовен одлив на војници.

Синдикатот најавува дека во наредниот период ќе продолжи јавно да информира за состојбите во Армијата низ целата држава.

АРМ и Министерството за одбрана претходно информираа дека двајца професионални војници од велешката касарна се зарезени со шуга. Заразените се дел од 296-темина нови професионални војници кои на 16 јануари положија заклетва.

Од страна на стручните лица на АРМ и Воено-медицинскиот центар (ВМЦ) биле преземени мерки согласно здравствените протоколи за спречување на евентуално ширење на заболувањето. Во касарната бил направен епидемиолошки надзор од страна на ВМЦ и се постапувало согласно препораките на стручните лица.

Текстот Војници во влага, на перници стари со децении, со прибор стар 20 години и руинирани тоалети – синдикатот алармира по појавата на шуга во велешката касарна е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top