Македонска банкарска асоцијација – од 1 март 2026 година започнува примена на засилена автентикација при електронски плаќања

Македонска банкарска асоцијација – од 1 март 2026 година започнува примена на засилена автентикација при електронски плаќања

пред 4 часа

Македонската банкарска асоцијација информира дека согласно Законот за платежни услуги и платни системи, со кој во националното законодавство е транспонирана Директивата (ЕУ) 2015/2366 за платежни услуги на внатрешниот пазар (PSD2), од 1 март 2026 година започнува примената на засилена автентикација на корисниците (Strong Customer Authentication – SCA) при извршување одредени платежни трансакции.

Засилената автентикација ќе се применува кај платежни трансакции иницирани на далечина, и тоа:
плаќања со платежни картички при електронска трговија, како и кредитни трансфери иницирани преку интернет-банкарство или мобилни апликации на банките.

Воведувањето на засилената автентикација, како што појаснуваат, има за цел подигнување на нивото на безбедност на електронските плаќања, намалување на ризикот од неовластени трансакции и подобра заштита на корисниците на платежни услуги, при што електронските и дигиталните плаќања ќе продолжат да се извршуваат непречено, со дополнителен безбедносен чекор.

„Засилената автентикација се заснова на користење на најмалку два од следните три меѓусебно независни елементи:

Елемент на знаење – нешто што го знае корисникот (на пример лозинка или ПИН),
Елемент на поседување – нешто што го поседува корисникот (на пример мобилен уред, токен или платежна картичка),
Елемент на својство – нешто што е својствено за корисникот (биометриски податоци, како отпечаток од прст или препознавање лице).
Во таа насока, досегашните начини на потврда на трансакции, како што се еднократни кодови доставени преку СМС или електронска пошта, кои се користат во рамки на постојните 3-D Secure решенија, ќе бидат заменети или надградени со посовремени и побезбедни механизми, во согласност со барањата на засилената автентикација“.

Секоја банка, согласно законската рамка и сопствените технички и организациски можности, самостојно ќе го дефинира моделот на засилена автентикација, односно комбинацијата на елементи што ќе ги применува, поради што начинот на автентикација и корисничкото искуство може да се разликуваат од банка до банка.

Во рамки на процесот на воведување на засилената автентикација, банките ќе пристапат кон информирање и едукација на своите клиенти за применуваните решенија, постапките за автентикација и практичните чекори при извршување на платежни трансакции, преку сопствените комуникациски канали.

„Примената на засилената автентикација претставува значаен чекор во усогласувањето на платниот систем со европската регулаторна рамка, придонесувајќи кон зголемена сигурност, доверба и заштита на корисниците при користење на современите електронски платежни услуги.

Македонската банкарска асоцијација, заедно со банките-членки, останува посветена на унапредување на безбедноста и стабилноста на платниот промет, како и на поддршка на процесите на дигитализација и модернизација на платежните услуги“.

Текстот Македонска банкарска асоцијација – од 1 март 2026 година започнува примена на засилена автентикација при електронски плаќања е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top