YouTube Music продолжува да воведува значајни промени што ќе влијаат на корисниците кои ја користат платформата бесплатно.

Според Engadget, популарната функција за текстови (lyrics), која е бесплатна од 2020 година, сега се префрла зад претплата (paywall).

Корисниците забележале дека табот со текстови сега прикажува предупредување: „Ви останаа уште [x] прегледи. Отклучете ги текстовите со Premium“. Според моменталните информации, бесплатните корисници ќе можат да видат текстови само за пет песни, по што ќе им бидат прикажани само првите неколку стихови, додека остатокот од текстот ќе биде заматен.

Се претпоставува дека Google ја донел оваа одлука за да ги надомести трошоците што ги плаќа на агрегаторите на текстови, како што е Musixmatch. Интересно е што Spotify направи сличен потег во 2024 година, но по силните реакции на корисниците, одлучи да ја врати оваа функција на оние кои не плаќаат претплата.

Иако Google сè уште официјално не потврдил дека ова е трајна промена за сите, се чини дека новото правило постепено се воведува глобално. Засега, единствениот начин да ги гледате текстовите без ограничувања е да се претплатите на YouTube Music Premium, кој чини 10,99 долари месечно во САД, а исто така нуди слушање без реклами и можност за преземање содржина за слушање офлајн.