Британски полицајци го обезбедувале принцот Ендру на забавата на Епстин

Британски полицајци го обезбедувале принцот Ендру на забавата на Епстин

пред 4 часа

Британски полицајци служеле како обезбедување за братот на британскиот крал Чарлс III, Ендру Маунтбатен-Виндзор, на забава организирана од американскиот осуден сексуален престапник Џефри Епстин во 2010 година, објавува денес „Тајмс“.

Документите неодамна објавени од Министерството за правда на САД како дел од досието на Епстин покажуваат дека двајца службеници за кралска заштита од Скотланд Јард ја чувале вратата на градска куќа во Менхетен, Њујорк, додека гостите, меѓу кои и американскиот режисер Вуди Ален, присуствувале на вечера организирана од Џефри Епстин во чест на Ендру Маунтбатен-Виндзор во 2010 година.

Тврдењата дека членови на Скотланд Јард всушност работеле како обезбедување за осуден педофил ќе бидат исклучително срамни за најголемата британска полициска сила, која со години не покренала обвиненија против никого во врска со скандалот со Епстин, оценува британскиот весник.

Откритието доаѓа по тврдењата дека телохранителите финансирани од даночните обврзници се приближиле премногу до 66-годишниот Ендру, на кого британскиот крал Чарлс III му ги одзеде сите титули минатата година поради неговите врски со Епстин, и можеби „замижале“ пред невниманието или потенцијалниот криминал.

Ендру беше уапсен во четвртокот во имотот Сандрингам во Норфолк под сомнение за злоупотреба на јавна функција и беше задржан на испрашување повеќе од 11 часа, а полицијата во долината Темза истражува тврдења дека му пренел чувствителни информации на Епстин додека бил британски трговски претставник.

Активностите на службениците за лично обезбедување на Ендру, за време на неговото патување во Њујорк во 2010 година, го привлекоа вниманието на јавноста пред две недели, кога „Сандеј тајмс“ откри дека двајца од телохранителите на Ендру престојувале со него во вилата на Епстин повеќе од една недела, и дека еден од полицајците, најверојатно добил безбедносни кодови за просториите за да можат тој и неговиот колега да влегуваат по своја волја.

Престојот на Ендрју во Њујорк потоа траел најмалку осум дена, а е-поштата објавена од Министерството за правда на Соединетите Американски Држави покажува дека Епстин лично понудил да смести членови на обезбедувањето на Ендрју на имотот на 71-ва улица.

Се верува дека оваа куќа, во која имало соба за масажа со слики од голи жени, била место каде што се извршувале сексуални злосторства во текот на годините.

Скотланд Јард пред три дена објави дека контактира со сите поранешни членови на обезбедувањето на Ендрју, со цел да утврди дали можеби биле сведоци на некое од неговите потенцијално нелегални однесувања.

Објавата на Скотланд Јард следеше по тврдењата на поранешен висок службеник за обезбедување дека телохранителите на таа служба го придружувале Ендрју до островот на Епстин, Литл Сент Џејмс, на Карибите, најмалку во два наврати, пренесува Танјуг.

Фото: ЕПА

Текстот Британски полицајци го обезбедувале принцот Ендру на забавата на Епстин е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top