(Видео) Бројот на жртви во поплавите во Бразил се искачи на 46: потрагата по исчезнатите е во тек

(Видео) Бројот на жртви во поплавите во Бразил се искачи на 46: потрагата по исчезнатите е во тек

пред 4 часа

Бројот на жртви од катастрофалните поплави во бразилската држава Минас Жераис се искачи на 46, соопштија пожарникарите во среда. Поплавите и лизгањето на земјиштето предизвикаа раселување на околу 3.600 луѓе, а 21 сè уште се водат како исчезнати. Градовите Хуиз де Фора и Уба, оддалечени околу 110 километри, беа најтешко погодени, објави Ројтерс.

Во Хуиз де Фора, 11-годишниот Бернардо Лопес Дутра, една од жртвите на поплавите, беше погребан во среда. Неговиот татко, Рикардо Дутра, доби сочувство од роднини и пријатели, додека неговата сопруга и ќерка се хоспитализирани. „Се обидувам да се соберам“, рече тој.

Дождовите се намалија во вторник вечерта, дозволувајќи им на властите и волонтерите да ги засилат напорите за да им помогнат на жителите кои останаа без покрив над главата и на нивните најблиски. Градоначалничката на Хуиз де Фора, Маргарида Саломао, ги повика луѓето што живеат во области со висок ризик да се евакуираат и да побараат помош во засолништата што ги обезбеди градската власт. Во градот останува на сила состојба на природна катастрофа.

Бразилската федерална влада го забрза испраќањето помош и хуманитарни материјали во погодениот регион, вклучувајќи здравствени работници и експерти за национална одбрана.

„Без разлика колку се трудите, во одреден момент се чувствувате беспомошни. Сведочите на ваква ситуација – луѓе заробени под урнатини – и повеќе не можете да направите ништо, вашиот придонес е ограничен“, рече Налван Луиз, пријател на момчето кое почина, на погребот.

Текстот (Видео) Бројот на жртви во поплавите во Бразил се искачи на 46: потрагата по исчезнатите е во тек е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top