ФЕР АНГАЖМАН
Со усвојувањето на Законот за работно ангажирање на лица, државата прави значаен исчекор кон унапредување на условите за сезонска и повремена работа, јакнење на социјалната заштита и намалување на неформалната економија.
Законот воспоставува јасна и поедноставена рамка за легално ангажирање лица за работи од сезонска или повремена природа, со што се овозможува регулирање на правата и обврските на ангажираните лица и работодавачите, како и воведување на дигитализирана постапка за пријавување и плаќање.
Со новото законско решение, ангажираните лица добиваат пристап до основни трудови и социјални права, вклучително и пензиски придонеси, осигурување во случај на повреда на работа и правна заштита, при што истовремено се задржуваат постојните социјални бенефиции. Од друга страна, работодавачите добиваат можност за брза електронска регистрација, намалување на административниот товар и поголема правна сигурност.
Законот е особено значаен за секторите со висок степен на неформално вработување, како што се земјоделството, туризмот и угостителството, и претставува основа за создавање пофер, потранспарентен и поинклузивен пазар на труд.
Ова законско решение е резултат на заеднички напори на релевантните институции и партнерските организации, во рамки на проектот „Подобри услови за вработување на сезонски работници во Северна Македонија“, имплементиран од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) и Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП), во соработка со Министерството за економија и труд и Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија.
Законот за работно ангажирање на лица претставува важен чекор кон формализација на трудот, јакнење на институционалната ефикасност и создавање одржливи и фер услови за сите учесници на пазарот на труд.
Повеќе информации за законот и начинот на негово користење се достапни на: av.gov.mk
Во наредниот период, во рамки на кампањата ќе се реализираат информативни сесии низ целата држава, каде работниците и останатите засегнати страни ќе имаат можност директно да се информираат и едуцираат за новите можности што ги носи законот. Првата информативна сесија е закажана за 4 март, 2026 во просториите на Општина Тетово, со почеток од 12:00ч.
За најнови информации, активности и корисни содржини, следете ги каналите на Центарот за истражување и креирање политики
https://www.facebook.com/crpm.org.mk
https://www.instagram.com/crpm.mk/
ПР
Текстот Почна спроведувањето на Законот за работно ангажирање на лица: нов чекор кон фер услови за работа и формализација на сезонскиот труд е превземен од МАКФАКС.




