Републиканското мнозинство во Сенатот ја отфрли резолуцијата со која се бараше претседателот Доналд Трамп да има одобрение од Конгресот за војната во Иран.
Резолуцијата, која повикуваше на прекин на сите непријателства против Иран кои не се овластени од Конгресот, ја поднесе демократскиот сенатор Тим Кејн.
Неговата иницијатива беше отфрлена со 53-47 гласови. Гласањето во голема мера се одвиваше по партиски линии. Единствениот демократ кој гласаше против беше сенаторот Џон Фетерман од Пенсилванија, кој ја поддржува војната, а единствениот републиканец кој гласаше за резолуцијата беше сенаторот Ранд Пол од Кентаки.
Соочен со претседател кој ги прошири своите извршни овластувања откако се врати во Белата куќа во јануари 2025 година, Тим Кејн, заедно со многу други демократски пратеници, тврдеше дека резолуцијата има за цел да го потврди авторитетот на Конгресот, единственото тело овластено од Уставот на САД да објави војна.
Иако Конгресот е единственото тело овластено да објави војна, законот од 1973 година му дозволува на претседателот да започне ограничена воена интервенција за да одговори на непосредна закана за Соединетите Американски Држави.
Демократите тврдат дека во овој случај нема „непосредна закана“ и дека сегашната администрација не го докажала тоа.
Усвојувањето на резолуцијата во Сенатот не беше очекувано. Претставничкиот дом треба да гласа за слична мерка денес, но истиот резултат се очекува и таму, со оглед на републиканското мнозинство во тој дом.
Текстот Американскиот Сенат го поддржува Трамп: само еден републиканец гласаше против војна со Иран е превземен од МАКФАКС.






