По апсењето на Бритни Спирс се огласи поранешниот сопруг: „Секој прави грешки“

По апсењето на Бритни Спирс се огласи поранешниот сопруг: „Секој прави грешки“

пред 4 часа

Сам Асгари, поранешниот сопруг на Бритни Спирс, го коментираше нејзиното неодамнешно апсење поради возење под дејство на алкохол и дрога, изјавувајќи дека секој може да направи грешка.

Гостувајќи на „Фокс њуз“, Асгари најпрво рече дека е фокусиран на ситуацијата во Иран, но додаде: „Кога станува збор за тоа дека луѓето грешат, тоа го разбирам. Мислам дека секој заслужува приватност. Се надевам дека медиумите научија нешто од минатото и дека ќе ѝ ја дадат приватноста што ѝ е потребна.“

Спирс била запрена од полицијата на 4 март во Калифорнија, откако нејзиниот автомобил бил пријавен поради нестабилно и пребрзо возење на автопат.

Според полицискиот извештај, таа била сама во автомобилот и покажувала знаци на намалена способност за возење, по што била уапсена поради „возење под дејство на комбинација од дрога и алкохол“. На суд треба да се појави на почетокот на мај.

По веста се огласи и нејзиниот тим, кој соопшти дека станува збор за „несреќен и многу сериозен инцидент“ и дека пејачката ќе ги преземе потребните чекори и ќе го почитува законот.

Апсењето следи по неколкумесечен турбулентен период за поп-ѕвездата. Минатата есен таа ги загрижи обожавателите со низа необични објави на Инстаграм, во кои споменуваше „трауматично искуство“ и чувство дека ѝ се „одземени крилјата“, пред привремено да го деактивира својот профил. Во декември беше објавено дека наводно го продала својот музички каталог, а во јануари изјави дека поради „многу лични причини“ повеќе никогаш нема да настапува во САД. Само неколку дена пред апсењето, на пејачката ѝ беше одобрена трајна забрана за приближување на маж кој, според судските документи, ја вознемирувал преку интернет од 2013 година.

Share
Scroll to Top