Мицкоски: Инфлацијата се спушти под 3%, треба да сториме сѐ што е во наша моќ да ја одржиме ценовната стабилност

Мицкоски: Инфлацијата се спушти под 3%, треба да сториме сѐ што е во наша моќ да ја одржиме ценовната стабилност

пред 3 часа

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос тоа дали Владата ја следи состојбата со инфлацијата и каков е ставот за тековите, изјави:

„Да, во текот на вчерашниот ден Државниот завод за статистика ги објави трошоците за живот во февруари 2026 година. Јас тоа повеќе пати го најавив во моите изјави, но еве вчера тоа се потврди дека инфлацијата се спушти под 3%, односно е 2,9%. И е повторно најниска во регионот, би рекол една од најниските, ако се има предвид дека Грција е 3%, Бугарија е 3,5%, Косово да речеме во јануари, за февруари нема податок, е 5,8%, Хрватска исто така веќе отиде над 3,8%, Словачка е 4%, Романија е 9 и нешто проценти. Така што сите оние политики за коишто баравме трпение, полека, но сигурно вродуваат со плод“, рече Мицкоски.

Тој кажа дека очекува после утрешниот состанок со дистрибутерите и со ланците на маркети да се одржи оваа кондиција.

„Очекувам, после оној состанок утре којшто ќе го имаме со дистрибутерите, со ланците на маркети, да ја одржиме оваа кондиција и овој тренд да продолжи да се намалува. Мислам дека не претставува поголем предизвик за сите нас од тоа да го сочуваме стандардот на граѓаните. Не е можеби доволно, имајќи предвид лошата колективна меморија од минатото, но еве за не цели 2 години се обидовме да се стабилизираме, да застанеме на нозе, да дојдеме до некоја неутрална нула за да можеме потоа да водиме политики на развој и политики онакви какви што заслужуваат граѓаните. Веќе сите параметри во економијата тоа го кажуваат. Ако ме прашате за мој суд, мислам дека треба да сториме сѐ што е во наша моќ да ја одржиме ценовната стабилност, имајќи предвид уште еден факт дека цените на мало се 1,6% зголемени, што е под 2%,1,5%. Тука се оние цени на храна којашто е процесуирана како ја викаат, но и нормална, тука се зеленчукот, овошјето и останатите, услугите да речеме. Задоволен сум од состојбата на базната инфлација којашто успеавме да ја смириме и сега треба да продолжиме уште повеќе да се движиме во тој опсег. Мислам дека ќе се движиме оваа година меѓу 2 и 3%, доколку нешто непредвидено не се случи, а не зависи од нас. Ако ова што се случува во заливот потрае, и ако потрае во насока на предизвикување на последици по човештвото и по светот, тогаш веќе тоа се работи коишто не зависат од нас. Но, тоа што зависи од нас како Влада, ние тоа го следиме, преземаме мерки, проактивни сме, го контролираме и не дозволуваме осцилации коишто ќе бидат на штета на граѓаните“, рече Мицкоски.

Текстот Мицкоски: Инфлацијата се спушти под 3%, треба да сториме сѐ што е во наша моќ да ја одржиме ценовната стабилност е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top