Во тек е широка акција за темелно чистење на коритото на реката Вардар на територијата на Скопје, информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, преку објава на социјалните мрежи.
Според него, станува збор за координирана активност насочена кон расчистување на коритото на реката, која претставува едно од најпрепознатливите природни обележја на главниот град.
„Во тек е широка и координирана акција за темелно чистење на коритото на реката Вардар, симболот на нашето убаво Скопје. Ова е чекор кој со години недостасуваше за нашето најпрепознатливо природно обележје“, наведува Ѓорѓиевски.
Акцијата опфаќа расчистување на коритото долж течението на реката Вардар на територијата на градот, а во неа се вклучени екипи од јавните претпријатија. Паралелно со чистењето на коритото, се уредуваат и пешачките и велосипедските патеки долж кејот.
Градоначалникот посочува дека целта е да се отстранат сите занемарени делови кои со години создавале несоодветна слика за градот.
Тој нагласува дека оваа активност нема да биде еднократна, туку ќе стане трајна практика во одржувањето на кејот и јавните простори.
„Кејот се одржува и чисти секојдневно, затоа што скопјани, но и сите гости на нашиот град, заслужуваат убава, уредена и чиста метропола“, истакнува Ѓорѓиевски.
Воедно упати и апел до граѓаните одговорно да се однесуваат кон животната средина, нагласувајќи дека реките, парковите и јавните простори се заеднички простор на сите граѓани и нивната чистота зависи од заедничката грижа.
Текстот Ѓорѓиевски објави дека е во тек акција за темелно чистење на коритото на реката Вардар е превземен од МАКФАКС.





