Седлоски: Данска е топ репрезентација, но имаме идеја, мотив и верба во фудбалерите

Седлоски: Данска е топ репрезентација, но имаме идеја, мотив и верба во фудбалерите

пред 7 часа

Селекторот на националниот тим, Гоце Седлоски го соопшти списокот на фудбалери кои се во комбинација за претстојните бараж натпревари за пласман на Светското првенство што ќе се одржи во САД, Канада и Мексико.

Предводникот на националниот тим на располагање ќе има 28 играчи, а меѓу нив се тројца кои за прв пат ќе го носат дресот на македонската репрезентација, дефанзивецот на Борац Бања Лука, Себастијан Ерера, стоперот на тетовска Шкендија, Имран Фетаи и напаѓачот на Сиетл, Дени Мусовски. Во составот има и фудбалери кои по извесна пауза повторно се дел од најдобрата селекција и тоа Бобан Николов од Вардар, Љупче Дориев кој настапува во првенството на Узбекистан и Егзон Бејтулаи од Дрита.

„Баражот против Данска за пласман на Светско првенство е натпревар кој носи голема тежина, но и огромен мотив за сите нас. Времето за подготовка е многу кратко, нецели два дена. Токму затоа, го задржавме костурот на тимот кој настапуваше во претходниот квалификациски циклус. Тоа е група фудбалери кои добро се познаваат, имаат изградено хемија и веќе знаат што значи да се игра ваков натпревар.

Секако, направивме и одредени освежувања таму каде што сметавме дека е потребно. На списокот има тројца дебитанти, Фетаи, Ерера и Мусовски. Веруваме дека со формата и квалитетот што го покажуваат заслужија шанса и дека можат да донесат дополнителна енергија во тимот. Во составот се враќаат и Дориев, Николов и Бејтулаи, фудбалери кои добро го познаваат системот и атмосферата во репрезентацијата и кои во минатото знаеле да дадат важен придонес“, рече селекторот и потоа проговори и за противникот.

„Свесни сме дека Данска е топ репрезентација и дека ја има улогата на фаворит, особено затоа што натпреварот се игра во Копенхаген, но, ние имаме јасна идеја, голема мотивација и верба во фудбалерите. Наш фокус е исклучиво на тоа како ние ќе изгледаме на теренот и како ќе одговориме на предизвикот“.

Македонија ќе гостува во Данска на 26.март, доколку помине на 31.март против Чешка или република Ирска ќе се бори за место на Мундијалот.

Извор и Фото/ Фудбалска федерација на Македонија

Share
Scroll to Top