Само во последните две недели, граѓаните платиле над 10 милиони евра повеќе за нафтени деривати, тврди Имране Велиу Алиу од ДУИ, која денеска изнесе податоци и анализа во врска со, како што рече, неинтервенирањето на Владата пред драматичниот раст на цените на нафтените деривати.
„Врз основа на годишната, месечната и дневната потрошувачка во Северна Македонија, произлегува дека потрошувачката на нафтени деривати за транспорт изнесува околу 720.000 тони годишно, односно: Месечна потрошувачка: 60.000 тони (60 милиони литри), неделна потрошувачка: 15.000 тони (15 милиони литри) и дневна потрошувачка: 2.000 тони (2 милиони литри). Неинтервенирањето на Владата им чини на граѓаните и бизнисите околу 685.000 евра дневно, односно над 5,15 милиони евра неделно“, рече таа.
Велиу Алиу додаде дека зголемувањето на цените од 21 денар по литар директно ги погодило граѓаните кои патуваат кон Скопје.
„Граѓаните на Тетово: околу 600 евра повеќе годишно по лице, граѓаните на Гостивар: околу 780 евра повеќе годишно по лице и граѓаните на Куманово: околу 579 евра повеќе годишно по лице. Овие се алармантни бројки кои директно го оптоваруваат семејниот буџет и го влошуваат животниот стандард на граѓаните. Затоа, бараме итни мерки од Владата за заштита на граѓаните и економијата од овој неподнослив товар“, рече таа.
Текстот ДУИ: Само во последните две недели, граѓаните платиле над 10 милиони евра повеќе за нафтени деривати е превземен од МАКФАКС.




