Клиника Жан Митрев беше домаќин на првиот EAES курс за основни вештини во лапароскопска хирургија на Балканот

Клиника Жан Митрев беше домаќин на првиот EAES курс за основни вештини во лапароскопска хирургија на Балканот

пред 3 часа

За првпат на Балканот, во Клиника Жан Митрев се одржа EAES курс за основни вештини во лапароскопска хирургија, тридневна обука за унапредување на практичните знаења и вештини на лекари од областа на минимално инвазивната хирургија. Програмата беше наменета пред сè за млади хирурзи, специјализанти по хирургија, но и за искусни доктори кои сакаат дополнително да ги надградат своите знаења и практични вештини во областа на лапароскопската хирургија.

Курсот е осмислен од Марек Шолтес, абдоминален хирург и професор на Универзитетот Павол Јозеф Шафарик во Кошице, а беше спроведен со д-р Клаудија Ѓиноска абдоминален хирург во Клиника Жан Митрев. Тридневната едукација вклучуваше практична работа на модели со инструменти што се користат во операциона сала, надополнета со кратки демонстрации, концизни упатства и стимулативни дискусии. Учесниците имаа можност директно да работат и да ги усовршуваат техниките на лапароскопска хирургија под водство на искусни експерти.

Курсот е акредитиран од EAES (European Association of Endoscopic Surgery), една од најрелевантните европски организации во областа на минимално инвазивната хирургија. Особено значајно е што вакви практични обуки се реткост во Европа, а досега не се организирале никаде на Балканот. Со тоа, Клиника Жан Митрев уште еднаш се потврдува како регионален центар што располага со сите потребни човечки ресурси, просторни капацитети и логистика за реализација на настани од највисоко професионално ниво.

Во својата оценка за настанот, д-р Марек Шолтес ја истакна високата потреба од вакви едукации и придонесот на професионалниот тим на Клиника Жан Митрев, „Повратните информации од хирурзите, гинеколозите и уролозите кои присуствуваа беа исклучително позитивни, при што многумина истакнаа дека квалитетот на обуката значително ги надминал нивните очекувања. Интересот за овој курс во регионот е навистина голем, со листа на чекање што речиси го удвои нашиот капацитет. Овој исклучителен интерес, заедно со врвните услови што ги нуди Клиниката Жан Митрев, ја потврдува нејзината важна улога во регионалната хируршка едукација“, истакнува д-р Шолтес.

Успешната реализација на овој курс дополнително ја позиционира Република Македонија како атрактивна дестинација за едукација во лапароскопија меѓу европските доктори, а Клиника Жан Митрев како современ медицински центар кој активно придонесува кон развојот на хируршката едукација во регионот и пошироко.

(ПР)

Текстот Клиника Жан Митрев беше домаќин на првиот EAES курс за основни вештини во лапароскопска хирургија на Балканот е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top