„Денес направивме чекор кој значи многу повеќе од формален чин, потпишавме договор и официјално предадовме стан во сопственост на Град Скопје на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство „Глас против насилство“, претставувана од извршниот директор Елена Димушевска. Со ова, една идеја за поддршка и заштита добива свој дом, своја врата која ќе биде секогаш отворена за оние на кои им е најпотребна“, вели градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
„Овој простор е засолниште, надеж и нова шанса. Место каде што стравот полека се заменува со сигурност, каде што тишината добива глас, а болката, разбирање.
Со обезбедување на соодветни услови за работа и згрижување, ги зајакнуваме сервисите кои секојдневно обезбедуваат директна помош, советување, заштита и поддршка на жртвите.
Од безбедносни причини и за заштита на корисниците, локацијата на станот останува строго доверлива.
Оваа мерка е дел од нашата поширока визија – да го изградиме Скопје како безбедна, солидарна и инклузивна заедница, во која секој човек знае дека не е сам и дека постои систем што ќе го заштити и поддржи во најтешките моменти.
Паралелно, преку јавниот повик за финансирање на здруженија, невладини организации и фондации, обезбедивме средства за сите сервиси за поддршка од превенција до директна заштита.
Така обезбедуваме континуитет во работата на организациите кои се првата линија на помош и го зајакнуваме партнерството меѓу институциите и граѓанскиот сектор.
Ова е порака дека насилството нема место во ниту еден дом. Дека секој човек заслужува живот без страв, без понижување и без болка. Дека љубовта, почитта и достоинството се темелите врз кои треба да се гради секое семејство.
Остануваме цврсто посветени на креирање политики и мерки што значат вистинска, системска заштита, затоа што секој живот вреди, а секоја приказна заслужува нов, достоинствен почеток“, соопшти Ѓорѓиевски.
Текстот (Фото) Ѓорѓиевски: Отворен е шелтер-центарот – сигурност, заштита и нов почеток за жртвите на семејно насилство е превземен од МАКФАКС.





