Дали Трамп ќе ризикува копнена војна со Иран?

Дали Трамп ќе ризикува копнена војна со Иран?

пред 4 часа

Во екот на војната со Иран, претседателот на САД, Доналд Трамп, се соочува со најкритичната одлука од почетокот на конфликтот – дали да нареди испраќање американски копнени сили на терен, пишува Си-ен-ен.

На речиси секојдневните брифинзи во Белата куќа, Трамп со врвни воени претставници ги разгледувал сите опции, вклучително и сценарија што би значеле директна воена интервенција во Иран. И покрај тоа, претседателот јавно се обидува да ја намали тежината на ова прашање.

„Не испраќам војници никаде. А и да планирав, сигурно не би ви кажал“, изјави Трамп во Овалната соба.

Политички ризик и притисок од сопствените редови

Можноста за испраќање илјадници американски војници на Блискиот Исток предизвикува сериозни тензии во Вашингтон. Дел од најблиските сојузници на Трамп предупредуваат дека таков чекор би можел веднаш да ја урне јавната поддршка за војната.

Дополнително, постои страв дека Конгресот би можел да одбие нов пакет финансирање вреден стотици милијарди долари, кој администрацијата планира да го побара.

„Цело време бевме уверени дека нема да имаме ситуација со значителен број војници на терен“, изјави републиканскиот конгресмен, Џеф Ван Дрју. „Претседателот нè увери дека тоа нема да се случи. Но, ние не сакаме бесконечни војни.“

И други републиканци испраќаат слични пораки.

„Треба да најдеме стратегија за излез што е можно побрзо. Не сакам да ги ставам Американците на терен таму на кој било начин“, порача конгресменот Тим Бурчет.

Војната влегува во четврта недела – а крајот не се гледа

Конфликтот, кој започна на 28 февруари, сега влегува во четвртата недела. Иако Трамп тврди дека мисијата е „пред предвидениот рок“, реалноста на терен покажува поинаква слика.

Амбициозните цели – пред сè уништување на иранските нуклеарни капацитети – сè уште не се остварени. И покрај илјадниците напади и уништената воена инфраструктура, клучниот проблем останува.

„Фундаменталната предност што ја има Иран е тоа што знаењето не може да се бомбардира“, предупредува европски дипломат. „Тие имаат научници кои со децении работат на нуклеарната програма.“

Според американски податоци, високо збогатениот ураниум на Иран и натаму е складиран длабоко под земја, надвор од дострелот на нападите.

Ормутскиот теснец – глобален економски шок

Одлуката на Иран да го затвори Ормутскиот теснец предизвика силни потреси на светските пазари. Станува збор за една од најважните енергетски рути во светот, низ која минува значителен дел од глобалната трговија со нафта.

Американските власти признаваат дека повторното отворање на теснецот е исклучително сложен проблем.

„Ова е прашање без јасно решение“, велат извори од администрацијата, додавајќи дека исходот зависи од тоа колку далеку е подготвен да оди Трамп за да изврши притисок врз Техеран.

Различни цели на САД и Израел

Сериозен предизвик претставуваат и разликите меѓу Вашингтон и Израел.

Додека Трамп бара побрз политички исход, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, според извори, има многу подолгорочна стратегија.

„Нема сомнение дека неговиот политички часовник е пократок и поостар од нашиот“, изјави израелски функционер. „Во моментот кога ќе одлучи да запре, ќе каже: ‘Победивме’ – и тоа е тоа.“

Сепак, Трамп уверува дека постои усогласеност:

„Сакаме повеќе или помалку исти работи. Сакаме победа, двајцата.“

Опцијата „прогласување победа“

Во позадина, дел од републиканците го советуваат Трамп да ја заврши војната без дополнителна ескалација.

Според нив, администрацијата веќе може да ја претстави операцијата како успешна – со оглед на уништените ракетни системи, беспилотни летала и поморска флота на Иран.

Но, ова сценарио има сериозни слабости, бидејќи не го решава клучното прашање – нуклеарната програма.

Подготовки за најлошото сценарио

И покрај јавните изјави, САД веќе преземаат чекори за евентуална ескалација. Илјадници маринци и морнари се пренасочени кон Блискиот Исток.

Меѓу опциите што се разгледуваат зад затворени врати е и заземање на иранскиот остров Харг – клучна точка преку која се извезува околу 90% од иранската нафта.

„Прашањето е што е претседателот подготвен да направи за да ги натера Иранците да кажат: ова веќе не е во наш интерес“, изјави американски разузнавачки извор.

Но, ваква операција би барала значителен број копнени трупи – нешто што многумина во администрацијата го сметаат за премногу ризично.

„Иран не е Газа“

Експертите предупредуваат дека конфликтот може да се претвори во долготрајна и исцрпувачка војна.

„Иран не е Газа. Тоа е огромна држава со силни институции и резерви“, вели поранешен израелски безбедносен функционер. „Соборувањето на режимот може да трае со месеци или години.“

Дополнителен проблем е тоа што ниту САД ниту Израел немаат јасен план за тоа што би следело по евентуален пад на сегашното раководство во Техеран.

Страв од нуклеарна ескалација

Американските сојузници сè повеќе стравуваат дека токму оваа војна може да го поттикне Иран да забрза со развој на нуклеарно оружје.

„По сето ова, зошто не би се стрчале кон нуклеарна бомба?“, прашува регионален дипломат.

Дури и евентуална копнена операција за заплена на ураниумот би била исклучително опасна, со ризик од радијациска контаминација.

Неизвесен исход

И покрај најавите на Трамп дека наскоро ќе „разгледа смирување“ на конфликтот, исходот останува неизвесен.

Со растечки економски последици, политички притисоци и воени ризици, одлуката за испраќање трупи би можела да биде пресвртна точка – не само за војната, туку и за иднината на американската надворешна политика.

Текстот Дали Трамп ќе ризикува копнена војна со Иран? е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top