Ѓорѓиевски: Обезбедуваме еднократна парична помош за онколошките пациенти

Ѓорѓиевски: Обезбедуваме еднократна парична помош за онколошките пациенти

пред 5 часа

Во моменти кога животот носи најтешки предизвици, нашата човечност се мери со тоа колку сме подготвени да подадеме рака. Токму затоа, водени од искрената грижа и одговорност кон нашите сограѓани, продолжуваме со конкретни мерки за поддршка на најранливите, истакнува во објава на социјалните мрежи скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.

„Во рамки на Програмата за активности во областа на социјалната, детската и здравствената заштита на Град Скопје за 2026 година, обезбедуваме еднократна парична помош за онколошките пациенти – како мал, но значаен чекор кон олеснување на нивното секојдневие и борба“.

Право на оваа помош како што информира, имаат лица со живеалиште на подрачјето на Град Скопје (општините: Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар, Чаир и Шуто Оризари).

„За остварување на правото, потребно е да се достави:
– барање за еднократна финансиска помош
копија од важечка лична карта
– документ од надлежен орган или институција што ја потврдува состојбата (дијагноза или отпусна листа)
– копија од трансакциска сметка (лична на барателот)
– потврда дека барателот спаѓа во категоријата онколошки пациент
– документацијата да не е постара од 6 месеци од поставување на дијагнозата
Барањето, заедно со целокупната документација, се поднесува преку Архивата на Град Скопје, во затворен плик со назнака: ,,Сектор за јавни дејности – Комисија за доделување еднократна финансиска помош за онколошки пациенти“.
Ова е порака дека никој не е сам.
Дека зад секоја борба стои некој кој верува, сочувствува и помага.
Дека и во најтешките денови, постои рака што ќе ве поддржи и надеж што не згаснува.
Заедно сме посилни“, пишува Ѓорѓиевски.

Текстот Ѓорѓиевски: Обезбедуваме еднократна парична помош за онколошките пациенти е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top