Прв целосно македонски мјузикл инспириран од Фреди Меркјури наскоро пред публиката во Битола

Прв целосно македонски мјузикл инспириран од Фреди Меркјури наскоро пред публиката во Битола

пред 4 часа

На денешната прес-конференција, оркестар DIVA го најави новиот музичко-сценски проект инспириран од една од најголемите музички икони на сите времиња – Freddie Mercury. Тимот зад проектот истакна дека публиката не треба да очекува класичен tribute концерт, туку мјузикл што преку музика, актерска игра и сценска емоција ќе ја води низ животот и духот на Freddie Mercury.

Станува збор за прв целосно македонски мјузикл во продукција, проект што на едно место ги спојува музиката, сцената и приказната за човекот кој остави неизбришлива трага во светската музика.

Во проектот учествуваат:

· Владимир Димовски – диригент, продуцент и оркестратор на проектот

· Бојан Стојков – во улога на Freddie Mercury и режисер

· Димитар Захариевски – автор на сценариото и во улога на Brian May

· Никола Пројчевски – во улога на John Deacon

· Никола Стефанов – во улога на Roger Taylor

· Теона Крстеска – во улога на Mary Austin

На прес-конференцијата беше посочено дека идејата за ваков мјузикл кај Владимир Димовски постоела одамна, но најголем предизвик било да се пронајде вистинската личност што ќе може да ја понесе улогата на Freddie Mercury. Како што истакна тој, пресвртниот момент се случил на еден концерт, кога за време на изведбата на песната „I Want to Break Free“, која ја пеел Бојан Стојков, увидел дека токму тој може да биде вистинскиот избор за оваа улога. Токму така започнала и соработката што подоцна прераснала во идеја за создавање на мјузиклот.

Бојан Стојков, кој ќе го толкува ликот на Freddie Mercury, истакна дека не се обидува да го копира, туку дека неговата цел е да ја пренесе енергијата што Freddie ја носел на сцена.

„Не се обидувам да го копирам Freddie. Сакам да ја пренесам неговата енергија на сцена. Тоа е голема одговорност, но воедно и голема чест“, истакна Стојков.

Авторот на сценариото, Димитар Захариевски, нагласи дека сценариото ќе ја води публиката низ животот на Freddie Mercury и низ најважните моменти што го оформиле како личност и уметник. Тој посочи дека не е едноставно да се доловат сите состојби, предизвици и емоции што Freddie ги доживувал, но дека претставува особена чест една ваква музичка и сценска икона да биде претставена преку мјузикл.

Никола Пројчевски, кој ќе настапи во улогата на John Deacon, откри дека во мјузиклот има многу интересни моменти и нагласи дека особено му значи можноста за соработка со оркестарот. Според него, на проектот работат луѓе кои максимално професионално и посветено ќе се обидат на сцена да го донесат сето она што веќе е создадено и замислено. Воедно откри и дека во еден момент од мјузиклот сите пеат заедно, што ќе биде едно од особено впечатливите сценски изненадувања за публиката.

Проектот најавува силно сценско доживување во кое музиката, приказната и актерската игра ќе се спојат во едно, со цел да се долови не само ликот на Freddie Mercury, туку и неговата енергија, харизма и трага што ја остави зад себе.

Публиката ќе има можност да проследи мјузикл што не е само музичка изведба, туку внимателно создадена сценска приказна, во која оркестарот и актерите заедно ќе ја водат низ еден емотивен и моќен театарско-музички свет, вели организаторот.

Share
Scroll to Top