Русија: Задоволни сме од изјавата на Зеленски, тој кажа важна работа

Русија: Задоволни сме од изјавата на Зеленски, тој кажа важна работа

пред 4 часа

Русија денеска ги поздрави изјавите на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека Вашингтон ги условил безбедносните гаранции за Киев со откажување од источниот регион Донбас.

Кирил Дмитриев, специјалниот претставник на Русија, рече дека изјавите на Зеленски „не можат, а да не ја задоволат“ Москва.

„Тој кажа важна работа… конечно сфати дека ставот на САД е таков што ќе ги поддржува безбедносните гаранции само ако Украина го напушти Донбас“, рече тој.

Зеленски за „Ројтерс“ изјави дека, во услови на конфликтот меѓу САД и Израел со Иран, претседателот Доналд Трамп врши притисок врз Киев во обид да ја заврши четиригодишната војна предизвикана од инвазијата на Украина од страна на Русија во 2022 година.

Иако го прифати американскиот став за Донбас, Зеленски рече дека Вашингтон мора да разбере дека „источниот дел од земјата е дел од нашите безбедносни гаранции“. Зеленски бара од меѓународните партнери гаранции за да се осигури дека Русија нема повторно да нападне во иднина.

Регионот Донбас се состои од регионите Луганск и Донецк. Според Институтот за проучување на војната (ISW), Русија речиси целосно го контролира Луганск и околу 75 проценти од регионот Донецк. Дмитриев денес изјави дека преговорите меѓу Москва и Вашингтон за идна економска соработка продолжуваат и дека непријателите на Русија се „во состојба на лудило“ поради ова.

Тој истакна дека една од темите што се дискутираат е собирањето средства за реконструкција на областите уништени од војната.

Руски претставник рече дека САД одиграле „позитивна и конструктивна“ улога во одлуката на Европската Унија минатата година да не заплени руски државни средства во вредност од 210 милијарди евра за заем за Украина.

Дмитриев нагласи дека Русија ги информирала САД за неодамнешните напади на украински беспилотни летала врз нејзината енергетска инфраструктура, што тој го нарече обид за влошување на глобалната енергетска криза.

Според пресметките на „Ројтерс“, најмалку 40 проценти од рускиот извозен капацитет за нафта е во застој по нападите со украински беспилотни летала, спорниот напад врз голем нафтовод и запленувањето на танкери. Ова е најтешкиот прекин на снабдувањето со нафта во модерната историја на Русија, заклучува новинската агенција.

 

фото/Depositphotos

Текстот Русија: Задоволни сме од изјавата на Зеленски, тој кажа важна работа е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top