Министерот за правда, Игор Филков, денес пред надлежните комисиии го образложи Предлог-законот за Советот на јавни обвинители кој е еден од клучните закони во рамки на реформите на правосудниот систем, насочен кон зајакнување на владеењето на правото и унапредување на функционирањето на јавното обвинителство.
„Овој закон е дел од поширок реформски пакет кој има за цел да одговори на утврдените слабости и да обезбеди усогласување со европските стандарди и препораки“, нагласи министерот Филков.
Тој информираше дека подготовката на Предлог-законот започнала во ноември 2024 година во Министерството за правда, преку инклузивен процес со учество на експерти, обвинители, универзитетски професори, претставници од граѓанскиот сектор и членови на Советот на јавните обвинители.
Процесот, рече Филков, се одвиваше транспарентно, со активно учество и поддршка од меѓународни партнери, вклучително и Европска Унија, ОБСЕ и Амбасадата на Соединетите Американски Држави.
Предлог-законот се темели на сеопфатна анализа и ги зема предвид клучните стратешки документи, вклучително и Развојната секторска стратегија за правосудство 2024–2028, реформската агенда, препораките на ГРЕКО, Патоказот за владеење на правото и извештаите на Европска комисија.
Предлог-законот беше доставен на мислење до Венецијанска комисија, која усвои позитивно мислење со препораки што се целосно инкорпорирани во текстот.
Клучни новини се: унапредување на постапката за избор на членови на Советот со јасни и транспарентни критериуми, воведување на целосно образложени одлуки, доследна примена на мерит-системот, зголемена транспарентност преку јавни седници и објавување на одлуки, двостепеност во дисциплинските постапки со обезбедена судска заштита, зајакнување на улогата на Советот во изборот и разрешувањето на Јавниот обвинител.
Министерот за правда потенцира дека со донесувањето на овој закон ќе се зајакне довербата на граѓаните во правосудниот систем, ќе се намали можноста за арбитрарност и ќе се обезбеди поголема институционална стабилност и професионалност.
„Ова е важен чекор во процесот на европска интеграција на државата и исполнување на реформските обврски во областа на владеењето на правото“, истакна министерот.
Текстот Законот за Советот на јавните обвинители го помина првото читање е превземен од МАКФАКС.





