„Политико“: Земјите сакаат да се приклучат кон ЕУ не за да станат побогати како порано, туку поради безбедност

„Политико“: Земјите сакаат да се приклучат кон ЕУ не за да станат побогати како порано, туку поради безбедност

пред 3 часа

Земјите што сакаат да се приклучат кон Европската Унија повеќе не сакаат да станат побогати, како што правеа пред две децении, туку за да бидат побезбедни, со оглед на фактот дека повоениот поредок се распаѓа, а политичарите ја доведуваат во прашање сигурноста на САД.

Европската комесарка за проширување Марта Кос изјави за „Политико“ од Брисел дека членството во ЕУ отсекогаш им нудело стабилност и просперитет на европските земји.

„Сега гледаме дека оние надвор од ЕУ се сè повеќе свесни дека во свет на конкурентски влијанија, место на масата во ЕУ нуди и безбедност и заштита“, рече Кос.

Дипломати, претставници на ЕУ и национални претставници запознаени со пристапувањето на кандидатите за членство изјавија за „Политико“ дека агресијата на Русија против Украина во голема мера придонела за овој пресврт, но дека најголемиот катализатор било враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа.

Под услов да останат анонимни, тие за бриселскиот портал изјавија дека земјите надвор од ЕУ се свртеле кон Унијата поради царините на Трамп, Стратегијата за национална безбедност на САД, која ја обвинува ЕУ за „колапсот на цивилизацијата“ и заканите на Трамп дека ќе го земе Гренланд.

Исланд закажа референдум за повторно започнување на преговорите за членство во ЕУ за крајот на август, а шефицата на дипломатијата на земјата, Катрин Гунарсдотир, изјави дека привлечноста на ЕУ е „нејзината одбрана и безбедност, но и економската безбедност“ на Исланд.

Функционерите и дипломатите на ЕУ велат дека пуштањето на побогатите земји во клубот би било многу попривлечно за членовите на Унијата отколку прифаќањето на уште еден бран посиромашни луѓе од истокот на континентот.

Како што е наведено, Исланд и Норвешка се меѓу десетте најбогати земји во светот, мерено според номиналниот бруто домашен производ по жител, додека Црна Гора едвај стигнува до првите 100, а Украина е на 132 место, според податоците за 2026 година, пренесува медиумот.

Фактот дека сегашните влади не се премногу посветени на основните вредности, како што се слободата на печатот, непристрасното судство и другите демократски слободи, не им помага на бројните кандидати, а Брисел не сака уште една Унгарија или Словачка меѓу своите членки.

„Секако, би било полесно за Исланд и Норвешка да се приклучат. Тие веќе се 80 проценти таму“ (во ЕУ) и кога станува збор за правото на ЕУ, рече еден функционер на Унијата, додавајќи дека овие земји би се придружиле многу брзо ако одлучат да го сторат тоа.

Со заканите на Трамп за окупирање на територијата на Данска и Канада, земјите чија безбедност претходно зависеше од членството во НАТО сега бараат алтернатива.

„НАТО има еден сет алатки, ЕУ друг“, изјави за „Политико“ норвешкиот конзервативен лидер Ине Ериксен Сереиде, која го поддржува членството во ЕУ. „Дојдовме до клучна точка кога членството во ЕУ ни е важно на поинаков начин од порано“, додаде таа.

Патем, Норвешка аплицираше за членство во ЕУ во 1992 година, но го отфрли членството две години подоцна на референдум. Мнозинството Норвежани сè уште не го поддржуваат членството во ЕУ, но во последната година и пол растеше бројот на оние кои се за приклучување, за што придонесе и гневот на Трамп поради одлуката да не ја добие Нобеловата награда.

Во меѓувреме, Канада исто така се приближува кон Унијата, во трговијата и на други начини, а Велика Британија се обидува да ги ресетира односите со ЕУ по Брегзит.

„Политико“ понатаму пишува дека Црна Гора, лидер на патот кон ЕУ, и Украина, „сентименталниот фаворит“, би можеле да ги завршат преговорите пред да одлучат Осло или Рејкјавик. Исто така, земјите-членки кои го блокираат проширувањето од влегувањето на Хрватска во ЕУ во 2013 година би можеле да продолжат да го прават тоа.

Сепак, притиснати помеѓу Америка на Трамп, Русија на Владимир Путин и Кина на Шји Џјинпинг, членовите на ЕУ би можеле да одлучат дека нивната безбедност е во бројките.

Агресијата на Русија против Украина, која го сврте Киев кон Брисел, ја покажува безбедносната привлечност на Унијата.

Со оглед на тоа што влезот на Украина во НАТО е блокиран, пристапувањето на земјата кон ЕУ е единствената гаранција на која Киев верува дека може да смета по прекинот на огнот во војната со Русија.

Службеници од Киев и Брисел посочуваат дека членството на Украина во ЕУ би било заемно корисно.

„Имаме заеднички интерес. Украина може да ја зајакне одбраната на ЕУ. Само замислете дека украинските граничари кои се бореле на фронтот се во мисии на Фронтекс на Балтичкото Море“, рече советникот на украинската влада Иван Нагорњак. „Нема НАТО. Нема САД. Има само оружје, беспилотни летала, муниција. А тука е и ЕУ“, додаде тој.

Текстот „Политико“: Земјите сакаат да се приклучат кон ЕУ не за да станат побогати како порано, туку поради безбедност е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top