Денес не зборуваме само за еден инфраструктурен проект. Денес зборуваме за нешто многу поголемо – за поврзување, за стабилност и за иднината на двете држави во рамките на европското енергетско семејство, изјави премиерот, Христијан Мицкоски на поставувањето на камен темелник на 400 киловолтен далековод од ТС „Битола 2“.
„Интерконективниот далекувод Битола–Елбасан не е обичен далекувод. Тој е симбол на една затворена празнина која со години стоеше како пречка на нашиот пат. Коридорот 8, кој треба да биде артерија на економијата, долго време имаше прекин во својата енергетска мрежа. Денес, со овој проект, таа празнина конечно се затвора. Со изградбата на овој 400 киловолтен далековод, долг околу 100 километри, ја воспоставуваме последната енергетска врска којашто недостасува со нашите соседи. За првпат, стануваме целосно поврзани со сите соседни електроенергетски системи. Тоа значи повеќе сигурност за граѓаните, повеќе стабилност за стопанството и повеќе можности за развој“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека оваа интерконекција не е само национален проект туку дека е дел од европската енергетска мрежа. Според Мицкоски, таа подразбира баланс, сигурност и способност да интегрираме нови извори на енергија.
Мицкоски кажа дека овој проект бил еден од најкомплексните со кои што се соочиле.
„Кредитот бил обезбеден уште во 2015 година. Договорот потпишан во 2020 година. А реализацијата – речиси непостоечка. Наместо градежни активности, годините беа потрошени во преговарања, одложувања и обиди за промени на цените. Беше набавена само дел од опремата, без суштински напредок на терен. И тука доаѓа суштинската разлика. Ние не дозволивме овој проект да остане уште една пропуштена можност. Донесовме храбра, но неопходна одлука – да се раскине договорот кој не даваше резултати. Одлуката беше донесена по длабока анализа, со форензичка поддршка, со меѓународни консултанти и во координација со ЕБОР“, рече Мицкоски.
Премиерот кажа дека се соочиле и со правни, технички, организациски предизвици и со имотно-правни прашања.
„Со транспарентна постапка преку системот на ЕБОР, избравме нов изведувач, согласно највисоките европски стандарди. Тоа е гаранција дека овој пат работите ќе се движат и нема да стојат. Овој проект денес е спасен. Рестартиран. Поставен на здрави темели“, рече Мицкоски.
Текстот (Видео) Мицкоски: Спасивме проект од пропаѓање, првпат стануваме целосно поврзани со сите соседни електроенергетски системи е превземен од МАКФАКС.




