Американските специјални сили го спасија и вториот член на екипажот на борбениот авион Ф-15 кој беше соборен над Иран, потврдија високи американски функционери за медиумската мрежа „Аксиос“. Станува збор за офицерот за вооружување кој, иако повреден по катапултирањето, успеа да избегне заробување од иранските сили во планинските предели на југозападниот дел на земјата.
Трка со времето и операција за измама на ЦИА
Соборувањето на Ф-15 претставуваше еден од најтешките сценарија за Вашингтон, бидејќи силите на Иранската револуционерна гарда истовремено трагаа по преживеаниот офицер. Пред да биде лоциран, ЦИА започнала софистицирана операција за измама, ширејќи дезинформации во Иран дека американските сили веќе го нашле офицерот и го извлекуваат по копнен пат. Оваа тактика овозможила дополнително време за елитните единици на американската морнарица, познати како „Фоки“, да ја лоцираат неговата точна позиција во планинскиот засек.
Драматично извлекување под силен оган
Додека првиот пилот беше спасен само неколку часа по соборувањето, потрагата по вториот член траеше повеќе од 24 часа. За време на евакуацијата, иранските сили погодиле американски хеликоптер од типот „Блек хок“, при што дел од екипажот бил повреден, но леталото успеало да ја продолжи мисијата. За да го обезбедат извлекувањето на офицерот за вооружување, американските авиони извеле интензивни напади врз иранските трупи кои се обидувале да се приближат до зоната на операцијата.
Следење во живо од Белата куќа
Претседателот Доналд Трамп и неговите најблиски соработници ја следеле акцијата во живо од ситуационата соба во Белата куќа. Министерот за одбрана, Пит Хегсет, редовно го известувал претседателот за секој чекор на специјалците на терен. По успешното извлекување, сите американски сили ја напуштиле територијата на Иран.
Нови закани
Покрај соборениот Ф-15 и оштетениот хеликоптер, потврдено е дека Иран во петокот соборил и американски авион од типот А-10.
Иако овие загуби фрлаат сомнеж врз тврдењата за целосна воздушна доминација, Трамп изјави дека спасувањето на екипажот без американски жртви е доказ за воената моќ на САД. Истовремено, тој упати остра закана до Техеран, најавувајќи дека на Иран му „стигнува пеколот“ доколку во рок од 48 часа не го отвори Ормутскиот теснец за пловидба.
Текстот Детали за спасувањето во Иран: Елитните „Фоки“ и ЦИА изведоа спектакуларна операција за извлекување на офицерот е превземен од МАКФАКС.





