Пешевска: Наместо дебата за стратегијата за заштита од насилство врз жените, имаше „евтин политички перформанс“

Пешевска: Наместо дебата за стратегијата за заштита од насилство врз жените, имаше „евтин политички перформанс“

пред 5 часа

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Жаклина Пешевска, изјави дека на денешната седница на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, наместо сериозна и суштинска дебата за Националната стратегија за превенција и заштита од насилство врз жените, се случил „обид за евтин политички перформанс“.

Според Пешевска, темата бара одговорност, зрелост и фокус, но наместо тоа, дел од колешките од опозицијата, кои како што наведува ретко учествуваат во работата на телото и често отсуствуваат при носење важни одлуки, се појавиле со намера да создадат хаос и да ја пренасочат дебатата кон теми што носат лични политички поени.

Таа оценува дека во момент кога се зборува за заштита на жени од насилство, ваквото однесување е несериозно и длабоко неодговорно.

„Наместо придонес, добивме блокада. Наместо решенија, добивме театар“, наведува Пешевска.

Според неа, барањата што биле пласирани на седницата не биле во функција на подобрување на стратегијата, туку во функција на личен ПР.

Пешевска додава дека ова не е тема за политички маркетинг, туку за работа, посветеност и континуитет, што, како што наведува, изостанува кај оние кои се појавуваат само кога има камери.

„Граѓаните очекуваат одговорни претставници, а не актери во дневно-политички претстави. Време е сериозните теми да престанат да бидат алатка за евтини поени и да станат она што навистина треба да бидат – приоритет за заштита и унапредување на животите на жените“, се вели во изјавата.

Таа порачува дека жените бараат заштита и дека заштитата е она што им се должи.

Текстот Пешевска: Наместо дебата за стратегијата за заштита од насилство врз жените, имаше „евтин политички перформанс“ е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top