Шестото издание на Скопскиот поетски фестивал ќе се одржи во периодот 7 до 9 мај во Младинскиот културен центар ‒ Скопје и во „Буква“. На настаните ќе се претстават стотина поети од земјава и од странство. Ќе има гости од Кина, од Хрватска, од Словенија, од Турција, од Грција, од Србија, од Бугарија и од Црна Гора.
„Мотото на годинешниот фестивал е „(СО) СТИХ СПРОТИ НАРАТИВ! (Поезија, политика, пропаганда…). Со ова мото сакаме да ја одбележиме 100-годишнината од раѓањето на Ален Гинзберг и да покажеме колку неговата поезија е податлива за толкување и на денешните состојби во светот. Автор на постерот е Андреј Павлов“, велат организаторите.
Официјалното отворање е закажано за 7 мај во 20:00 часот во Младинскиот културен центар ‒ Скопје, на кое ќе настапат деветмина поети и поетеси, меѓу кои и младата поетеса Деспина Сиљаноска што беше одбрана за најдобра од дванаесетмината што настпија на „Отскочна даска #5“ ‒ преднастан на фестивалот наменет за млади поети, а по ова прво интернационално поетско читање ќе следува поетско-музички перформанс на Марија Вујошевиќ и Барбара Делаќ од Црна Гора.
Следниот ден програмата ќе продолжи во Младинскиот културен центар ‒ Скопје, каде што ќе се одржи „Поетот е присутен“, настан од затворен карактер, на кој дел од поетите учесници на фестивалот ќе читаат за малубројна публика што претходно ќе биде избрана по повик; потоа ќе следува и настанот „Диптих #6“ на кој ќе бидат претставени две изданија на „ПНВ Публикации“, избор песни од авторките Гонџа Озмен од Турција и Кристина Шпиранец од Хрватска, а потоа ќе следува уште едно интернационално поетско читање на кое ќе настапат десетмина поети и поетеси.
На последниот ден на фестивалот, 9 мај, настаните ќе се одржат во „Буква“. Публиката ќе има можност да проследи уште две промоции на книги, едната е избор песни од поетесите Марија Вујошевиќ и Барбара Делаќ од Црна Гора во издание на „Култура Бета“, а другата е стихозбирката „Тускулум“ од Денис Шкофич од Словенија, издание на „ПНВ Публикации“. По промоциите ќе следува интернационалното поетско читање „THE VERSE CITY/DIVERSITY (Диверсити)“ на кое ќе настапат петнаесетмина поети и поетеси. По ова читање ќе следува и забава за крај на фестивалот.
Но пред сите овие збиднувања, како еден од преднастаните на фестивалот, на 7 мај, од 18:00 часот во киното „Фросина“ во МКЦ ќе се одржи промоцијата на поетската панорама што по повод минијубилејот ‒ 5 години „Отскочна даска“, ја подготви „ПНВ Публикации“ и во која ќе бидат застапени песните на сите шеесет и шест досегашни учесници на овој настан наменет за млади. Книгата ќе биде промовирана со читање на сите млади автори застапени во панорамата.






