Астронаутите од „Артемис II“ се сè поблиску до Земјата – започнува најризичниот дел од мисијата

Астронаутите од „Артемис II“ се сè поблиску до Земјата – започнува најризичниот дел од мисијата

пред 4 часа

Астронаутите од мисијата „Артемис II“ се наоѓаат во финалната фаза од своето историско патување, откако успешно ја завршија обиколката околу Месечината и сега се приближуваат кон Земјата. По речиси десет дена во вселената, капсулата „Орион“ веќе влегува во последните подготовки за враќање, што претставува најкритичниот момент од целата мисија.

Леталото, во кое се наоѓа четиричлениот екипаж – Рид Вајсман, Виктор Гловер, Кристина Кох и Џереми Хансен – моментално се движи кон Земјата со огромна брзина, а влегувањето во атмосферата ќе биде вистински тест за технологијата и човечката издржливост..

Во моментот на реентри, капсулата ќе достигне брзини од над 38.000 километри на час, при што температурата на надворешниот дел може да надмине 2.700 степени Целзиусови. Оваа „огнена бариера“ е резултат на триењето со атмосферата, а токму топлинскиот штит е клучен за безбедноста на астронаутите.

Дополнителен предизвик е и краткотрајниот прекин на комуникацијата со Земјата, познат како „blackout“, кој се јавува поради плазмата што се создава околу капсулата. Во тие неколку минути, контролата на мисијата нема директен контакт со екипажот – момент што се смета за најнапнат во секоја ваква операција.

Планирано е капсулата да слета во Тихиот Океан, во близина на брегот на Калифорнија, каде што спасувачките тимови веќе се подготвени да ја преземат. По приземјувањето, астронаутите веднаш ќе поминат медицински прегледи, бидејќи враќањето во Земјината гравитација претставува сериозен физички шок за телото по престојот во бестежинска состојба.

Оваа мисија има огромно значење за иднината на човечкото истражување на вселената. „Артемис II“ е првата човечка мисија надвор од ниската орбита на Земјата по повеќе од 50 години, и клучен чекор кон враќањето на луѓето на Месечината во рамки на програмата „Артемис“.

Доколку финалната фаза помине успешно, тоа ќе биде силен сигнал дека човештвото е подготвено за следниот чекор – повторно стапнување на Месечината, а во иднина и патување кон Марс.

Share
Scroll to Top