Зошто Велигден „се движи“? Објаснување зад најголемиот христијански празник

Зошто Велигден „се движи“? Објаснување зад најголемиот христијански празник

пред 3 часа

Велигден е најголемиот христијански празник, но за разлика од повеќето празници, нема фиксен датум. Секогаш се празнува во недела, но датумот варира – може да биде во април, па дури и во мај. Причината за тоа лежи во начинот на кој е утврдено неговото пресметување.

Одлуката за тоа кога ќе се празнува Велигден била донесена уште на Првиот вселенски собор, кога било утврдено дека празникот ќе се слави во првата недела по првата полна месечина по пролетната рамнодневница. Ова правило важи и денес.

Тоа значи дека Велигден е поврзан со движењето на Сонцето и Месечината, односно со природните циклуси. Затоа датумот не е фиксен, туку се менува секоја година. Најрано може да падне на 4 април, а најдоцна на 8 мај.

Дополнително правило е Велигден секогаш да биде по Пасха, но никогаш заедно со неа. Со тоа се прави разлика меѓу старозаветната и новозаветната традиција.

Во првите векови на христијанството немало единство во празнувањето. Дел од христијаните го славеле Велигден на ист датум како Пасха, без разлика кој ден во неделата е, додека други инсистирале тоа секогаш да биде во недела – денот кога воскреснал Христос. Овие разлики довеле до поделби, кои биле надминати со одлуките на Црквата.

Подоцна, на Шестиот вселенски собор било утврдено и кога точно започнува празнувањето – на полноќ, веднаш по Велика сабота, со што се воспоставила целосна усогласеност.

Пресметката на датумот на Велигден се врши преку т.н. Пасхални таблици, кои се базираат на астрономски циклуси. Така настанал и т.н. Велигденски круг од 532 години, по кој датумите се повторуваат.

Поради ваквиот сложен систем, Велигден не може да има фиксна дата, туку секоја година се пресметува одново. Но, и покрај разликите во календарите, сите православни цркви го празнуваат на ист ден, заедно со сите празници поврзани со него.

Со тоа, Велигден останува празник кој не само што има духовно значење, туку и силна поврзаност со природните и вселенските закони.

Share
Scroll to Top