Нафтата над 102 долари: стравот од блокадата врз Иран го тресе пазарот

Нафтата над 102 долари: стравот од блокадата врз Иран го тресе пазарот

пред 3 часа

Цените на нафтата денеска пораснаа на меѓународните пазари и се приближија до 102 долари по барел, поради стравувањата на инвеститорите дека американската поморска блокада врз Иран дополнително ќе ги намали испораките од регионот на Персискиот Залив.

На лондонскиот пазар цената на барелот попладне достигна 101,85 долари, што е зголемување од 6,65 долари во однос на затворањето на крајот од минатата недела. На американскиот пазар, барелот поскапе за 6,07 долари и достигна цена од 102,64 долари.

Пазарите на почетокот на неделата беа потресени од најавата на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување поморска блокада на Иран, поради незадоволството од позицијата на Техеран во преговорите во Исламабад.

САД се залагаа за итно отворање на Ормуски теснец, но Иран инсистирал на прекин на огнот на сите фронтови, вклучително и во Либан, како и на одмрзнување на својот имот.

По објавата на примирјето меѓу САД и Иран во средината на минатата недела, Израел повторно изведе воздушни напади врз Либан, при што загинаа повеќе од 300 луѓе.

По заминувањето на американските преговарачи од Исламабад, предводени од потпретседателот Џејмс Дејвид Венс, Трамп најави блокада на влезот во Ормускиот теснец, додавајќи дека американската морнарица ќе ги запира сите бродови што платиле транзитна такса на иранските власти.

Американската морнарица за Ројтерс појасни дека блокадата ќе биде воспоставена во Оманскиот Залив и во Арапското Море, источно од теснецот, при што првично беше наведено дека ќе се запираат сите бродови, а подоцна дека ќе се блокираат само оние со ирански пратки.

Вашингтон на тој начин сигнализира дополнителна ескалација на конфликтот, кој веќе сериозно ги намали испораките на нафта од регионот.

Техеран возврати дека американската блокада претставува „пиратство“ и предупреди дека, доколку иранските пристаништа бидат загрозени, нема да бидат безбедни ниту пристаништата во Персискиот и Оманскиот Залив.

Од почетокот на март, Иран извезол околу 58,75 милиони барели нафта, според податоците на порталот Windward.

Одделни пресметки на ОПЕК покажуваат дека цената на барелот од кошницата на нејзините членки во петокот изнесувала 105,28 долари, што е намалување за два долари.

Текстот Нафтата над 102 долари: стравот од блокадата врз Иран го тресе пазарот е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top