Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, повторно се огласи по изборниот пораз, обраќајќи им се на гласачите на неговата партија Фидес-КДНП.
„Драги сограѓани, денес е јасно дека на вчерашните избори повеќе од 2,25 милиони гласачи дадоа поддршка за листата и кандидатите на Фидес-КДНП. Националната опција, нашата политичка заедница, денес е со оваа големина во Унгарија“, порача Орбан во видео објавено на Фејсбук.
Тој им се заблагодари на поддржувачите, истакнувајќи дека со ист број гласови во 2014 година оствариле голема победа, додека сега тоа било доволно само за „чесен пораз“.
„Големо благодарам на сите наши поддржувачи. Вчера тоа беше доволно само за чесен пораз, но гласачите на националната опција секогаш можат да сметаат на нас“, изјави Орбан.
Според него, Фидес останува најповрзаната политичка заедница во земјата и ќе продолжи да му служи на унгарскиот народ.
Тој најави дека во наредните недели ќе следи реорганизација на партијата, обиколка на изборните единици и состанок на националниот одбор на 28 април. „Работата започна. Напред, Унгарија! Напред, Унгарци!“, порача Орбан.
На парламентарните избори одржани на 12 април 2026 година, партијата Тиса, предводена од Петер Маѓар, оствари двотретинска победа.
Орбан уште во неделата ја призна загубата, оценувајќи го резултатот како „болен и јасен“, и им честиташе на победниците.
Излезноста беше речиси 80 проценти, највисока досега, а по изборите унгарската валута форинта зајакна и достигна најсилно ниво во последните години.
Маѓар најави дека новата влада ќе предложи измени на Уставот, со кои мандатот на премиерот би се ограничил на два мандати, што би значело дека Орбан повеќе не би можел да се кандидира за функцијата.
Фото: Depositphotos
Текстот (Видео) Ова беше чесен пораз, продолжуваме да му служиме на народот, рече Орбан ден по изборите е превземен од МАКФАКС.





